Не се лутете одма, ама:

Немажените жени без деца се најсреќна категорија

Бракот и децата навистина можат да бидат прекрасно искуство, но сепак, доаѓаат со проблеми. И според еден експерт, немажените жени без деца се најсреќната подгрупа во популацијата.

Во разговор со Гардијан, Пол Долан, професор по бихејвиорална наука на Лондонската школа за економија, тврди дека најновите докази што ги стекнал, укажуваат на тоа дека традиционалните маркери за успех не се тесно врзани со среќа, особено кога се работи за брак и растење деца.

Објаснува дека од бракот придобивки имаат мажите, но не мора истото да важи и за жени. „Имаме добри лонгитудинални податоци што ги следат истите испитаници во одреден временски период, но еве, ќе бидам контрапродуктивен за таа наука и ќе кажам: ако си маж, веројатно треба да се ожениш; ако си жена, ич не се мачи.“

Долан вели дека мажите ќаруваат од бракот затоа што „ги смирува.“

„Помалку ризикуваш, повеќе пари заработуваш и живееш подолго. Од друга страна, таа мора да го трпи тоа и побрзо да умре отколку кога не би се омажила. Најздравата и најсреќната подгрупа на популацијата се жени кои никогаш не се омажиле и немале деца,“ додава.

Додека „луѓето во брак се посреќни од други подгрупи на популацијата“, Долан објаснува дека тоа важи „само кога сопружникот е во просторијата кога ќе добијат прашање колку се среќни.“

„Кога не е присутен - мизерни се,“ вели Долан.

Ова го тврди во неговата најнова книга „Среќни засекогаш“, која се потпира во голема мера на доказите собрани од American Time Use Survey, „кои компарираат нивоа на задоволство и мизерија кај немажени/неженети, разведени, разделени и вдовци.“

Има и други истражувања, кои покажуваат дека и жените по нешто добиваат кога ќе се омажат, но Долан верува дека ова е поради повисоките приходи и емотивната поддршка, која на луѓето во брак им дозволува да ризикуваат. Но, истовремено верува и дека мажите многу повеќе жнеат од придобивките, бидејќи ризикуваат - помалку. За жените, открива дека здравјето не им трпи поради бракот, но кај средовечните мажени жени се открило дека имаат малку поголем ризик од физички и ментални нарушувања отколку кај оние што се сингл.

На крај, изјавува дека со оглед на тоа што на бракот се гледа како успех за многу жени, останувањето сингл може да води кон тоа некои немажени жени да се чувствуваат несреќно.

„Ќе видиш сама жена на 40, што никогаш немала деца и коментарот е веднаш ‚Штета, сирота,’ нели? ‚Ај, може еден ден ќе го сретнеш вистинскиот и тоа ќе се смени.’ Не, може ќе сретне тип што ќе ја направи помалку среќна и здрава и побрзо ќе умре.“

29 април 2020 - 16:32