Не бива ера на серии без Тарантино

Тарантино планира да прави телевизиска серија. На некои обиди за серии поарно ќе им биде уште од сега да се пензионираат.

Тоа досега го нема направено, но има режирано епизода од „ЕР“ и од „Истрага на местото на злосторството“, а му помагаше и на Роберт Родригез околу сценариото за серијата „Од самрак до зори“. Зафатен е и деновиве ја промовира и новата книга Cinema Speculation, а на гости кај реномираниот филмски критичар Елвис Мичел, рече дека ќе се враќа на екраните во 2023-та со 8 епизоди.

И тоа беше сè. Ниту кажа дали е сигурно, ниту објави некаков план на снимање, ниту се пофали дека некоја од продукциите досега го има поддржано.

Од она што самите може да го сфатиме: неговиот 10-ти филм, за кој сите навиваме да биде „Кил Бил 3“, уште не е ни во план. После „Си беше еднаш во Холивуд“, рече дека планира малку да се смири и да пишува книги што малце не ни е јасно зошто никој не ни ги превел. Од неодамна е и семеен човек а семејствата не се баш да ги преместуваш од Лос Анџелес, во Германија, па во Шри Ланка и каде и да те води добрата приказна следно.

Изгубениот интерес за снимање кај режисерот е очигледен и од неговата изјава на The Videos Archive Podcast, каде рече дека „се наоѓаме во најлошата ера на Холивуд, единствно споредлива со 50-тите и 80-тите“. Таму разбравме дека едвај чека филмовите за суперхерои да излезат од мода.

И ние, Тарантино. И ние.

Сепак, кај Мичел призна дека би направил исклучок. Што се однесува до Марвел, Тарантино би го филмувал стрипот Sgt. Fury and His Howling Commandos, од каде сегменти видовме на платно во Captain America: The First Avenger

22 ноември 2022 - 11:47