Лагерфелд раскажува историја на Фенди

Знаевте дека тој им го смислил логото со двете 'F'? И тоа за 5 секунди.

Уште чекаме Фенди да се откаже од идејата за вистинско крзно, особено откако многу значајни брендови се вразумија и решија да користат вештачко.

Со надеж дека во моментов неволно го дискутираат тоа и уште поголема надеж дека неволно ќе одлучат дека ќе им се придружат, сепак ќе заклучиме дека во ова филмче се зборува за неколку децении претходно кога крзно (и други работи) е во ред дури на Италијаните им е симбол за богатство со реченицата „На жена му ѝ купил крзно”. Сфаќате за колку поинакво време се зборува? Денес за такви работи („сопругот ѝ купил”) се копаат очи, се уништуваат кариери и пропаѓаат цели, грижливо градени империи.

Видеото е за Карл/мода ентузијасти и трае околу 40 минути, што значи оставете си го за некое фино попладне, за со кафе, или за досаден ден кога немате многу работа. Ќе видите како повторно ги црта моделите од '60-ти, со нов прибор што веројатно тогаш не постоел, преку ракавици, со коментари, со сè.

Ги црта и 5-те сестри Фенди (меѓу кои и Карла), како за корица за книга и раскажува за мајка им што ги држела многу строго, но со него била многу пријатна (како балканска мајка, фина со гости, тебе ќе те искрши).

Стигаме и до 2000-ти, и му бараат да се нацрта себеси. Па, Кинескиот ѕид, што го споредува со модна писта...

И, ај, гледајте. Јако е:

31 октомври 2018 - 00:00