Каква жена треба да си, за да те запроси Фрида Кало?

Да, Фрида Кало ја има запросено Марија Феликс. И ја одбила.

Била фам фатал и дива на златната ера на мексиканската кинематографија, со силна волја, без влакна на јазикот, контроверзна и прекрасна. Почетоците ѝ се скромни, а животот и е како од книга, со бројни бракови и бисексуални афери, од кои една е всушност ménage a trois што ја вплеткува меѓу Фрида Кало и Диего Ривера. На Ривера му била и муза за сликање, исто и на Леонора Керингтон и Ремедиос Варо. Во 1984, Италијанската модна комора и Француската шивачка федерација ја прогласувaат за една од најдобро облечените жени во светот, а пак светот ја смета за „најубавото лице на мексиканскиот филм.“

Диего Ривера го запознава во 1947, на снимање и инстантно се зближува со него и со Фрида. Спиела кај нив неколку дена, во нивниот дом во Мексико и заулавениот Диего ја отекол да ја слика гола, но не сакала да чуе. Сликата постои, но таа била навредена и нарачала да ја „покријат“. Побарај да му ја позајми за изложба, но бидејќи не сакала, не ѝ зборувал повеќе од една година.

Сè уште вљубен, Диего ѝ пишувал на Марија писма и барал да се омажи за него. Фрида, и онака со нежно здравје, а сега со скршено срце, сакала да на некој начин да му врати на сопругот, па и таа ѝ пишувала писма со запросувања. Сепак, што и да се случувало и да се планирало во тој однос меѓу нив тројца, Марија Феликс го носи во гроб. И покрај бројните писма до неа и другите (женски) љубовници, докази дека нешто романтично се случило меѓу Марија и Фрида - не постојат.

Во една прилика, Феликс ќе сподели:

„Ја сакав Фрида исто колку што го сакав Диего. Беше интелигентна, забавна, своја. Тагата ја носеше многу добро, но гледав дека многу страда, дека физички се мачи со тие апарати, но со весел дух.“

Каде и да се појавела било „после мене потоп“. Случајно се сретнала со продуцентот Фернандо Паласиос, па се придвижила кон холивудските студија. Сепак, улогите од таму почнала да ги одбива, знаејќи дека секогаш ќе ја ангажираат како „егзотичната“, па наместо тоа снимила цели 47 филма во Мексико.

„Оригинална жена не е жена што не имитира, туку жена што никој не може да ја имитира.“

Во Париз, надреалистката Леонор Фини ја запознава со секретарката на Жан Пол Сартр, и со неа има кратка врска. Од 1950, била во врска со кабаре-режисерката Сузан Боле и заедно живееле во хотелот Жорж V.

Паметот по неа не го изгубиле само Фрида и Диего - им била муза на уметници како Хозе Клементе, писатели како Жан Кокто, Ренато Ледук и Карлос Фуентес и музичари како Хуан Габриел и Франсис Кабрел.

Годинава би требало да има и филм: биографија која ќе тече од скромните почетоци во грубиот северен град Сонора, па ќе се движи моментот кога слободно може претседателот на Мексико да го нарече „другар“. Помеѓу - интимната врска со Фрида и Диего, наградувањето со Легија на честа и други детали од богатиот живот на Марија Феликс.

За филмот се вели дека, како и нејзиниот живот, ќе биде приказна за љубов, загуба, мексиканска култура, религија, прифаќање, женскост и слава.

9 јуни 2022 - 00:01