Како да бидеш океј мајка за време на пандемија

„Ај, вака: Имам многу ниски очекувања за себе како родител додека трае пандемијава. И не сум на некаков натпревар за најдобра мајка на светот.“ Вака Линдзи Пауерс го започнува своето излагање околу родителство и корона, на Јаху.

Јас сум најокеј мајка на светот. И тоа е повеќе од доволно.

Не седам со децата по шест часови дневно, да им помагам да учат зборови или да пополнуваат работни листови по математика. Немам распоред за учење по дома во разни бои. Не сервирам совршено балансирани вечери. Моите деца не изработуваат проекти за јас да ги сликам за на Инстаграм. И знам дека ништо не им е, затоа што ги поминав последните две години пишувајќи книга со наслов „Не можеш да си ги заебеш децата“. Зборував со бројни научници, копав по истражувања и интервјуирав над 50 семејства. И едно е јасно: Сѐ додека децата имаат основни работи (храна, љубов, кров над глава), можат да се развиваат одлично.

Повеќето правила за технологија ги отфрлив.

Иако ми судат, знам дека истражувањата покажуваат многу придобивки од технологија - на луѓето им помага да се поврзат ако се далеку, плус можат да бидат интерактивна алатка за учење за деца уште на возраст од 18 месеци. Плус, нереално е децата да не гледаат во екрани во свет каде што и фрижидерите се „смарт“, а паста за заби нарачуваме преку апликација. Пред коронавирусот, имав релативно релаксиран став кон гледање во екран. Сега? Сите правила летнаа низ прозор. Јас сум само еден човек, а има само 24 часа во еден ден да бидеш идеален родител, наставник, вработен, сопруга и човек. Се трудам да балансирам на неделно ниво, наместо од ден на ден, што значи дека ако децата гледаат во Ајпед четири часа во текот на еден, местам тајмер на еден час, наредниот ден. Содржината гледам да им одговара на возраста - не гледаме фамилијарно „Игра на тронови.“ И кога ќе заврши кризава, ќе им речам „Да, многу гледавме телевизија додека траеше коронавирусот, ама сега тоа заврши, ајде да си играте.“ Нормално, ќе кукаат, ама сѐ додека се држам до тоа што сум го кажала, ќе мораат да прифатат. Децата знаат така да се адаптираат.

Мојот дом не е школо.

Јас и маж ми не сме фокусирани на традиционални вештини како собирање, одземање и просто-проширени реченици. Но, нашите синови кои имаат 3,5 и 6 години сѐ уште учат. Секогаш кога готвиме, моите деца учат да мерат (математика), како да следат упатства по редослед (читање и математика) и животни вештини (што не треба да се баталат. Колку луѓе би можеле да кажат дека биле заглавени дома како мали и научиле да готват?). Кога играме во двор, учат како се движат телата во светот, со качување на столчиња (Запознавање на природата), истражуваме како растат растенија (исто) и гледаме форми на небото и на земјата (географија и математика). Еден документарец со ајкули вроди со плод кога почнаа да набројуваат факти за ајкули, сечеа и боеја ајкули, па броеа, сечеа и лепеа заби на истите тие ајкули. Потоа вртеа по роднини за да презентираат со видео повик (наука, технологија, инженеринг, уметност, математика, читање, пишување). „Школото“ не мора да биде со седење во клупа меѓу 8 и 15 часот од понеделник до петок. Исто така, запаметете: Секогаш кога детето ќе помине време со родителот еден на еден е во предност, наспроти типичното еден-на-25 во џиновска училница каде што многу време се троши во спремање за следната активност. Децата учат и преку игра, дури и кога им е досадно, што ги учи и како да се снаоѓаат.

Јадеме еден тон јагленхидрати.

На децата всушност им требаат јагленхидрати за да им расте мозокот и телото, па може ли да се согласиме дека треба да престанеме да чувствуваме вина за макарони со сирење? Има вредност и во нездравата храна, (што исто се вика и „утешителна“), во време кога навистина ни треба утеха. Ако јадеме многу паста со путер, се трудам да послужам и овошје, или протеин следниот ден. Децата имаат тенденција природно да балансираат што јадат во текот на една недела, наспроти еден индивидуален оброк. Истражувања покажуваат дека и начинот на кој го делиме времето заедно е многу поважен од тоа што сервираме. Јадење кашкавал и крекери на маса заедно и разговарање за денот вреди повеќе од совршена порција органски зеленчук во тишина. Ова не значи дека секој оброк треба да биде семејна работа. Секој ден има три оброци и обично две ужинки, што значи дека имаме 35 можности неделно да споделиме момент заедно како семејство. Бираме неколку и се обидуваме да го оствариме тоа.

Паузираме еден од друг.

Пред некоја вечер, после вечерата, почувствував тежина во еден момент. Му реков на сопругот дека ми треба одмор и се заклучив во спалната за да се исклучам. Излегов 20 минути подоцна, чувствувајќи се понормална и поприбрана. Ова е маратон, не е трка. Ни требаат паузи - без разлика дали тоа значи да се заклучиш во соба, или да го вклучиш телевизорот и да ги откачиш децата. Исто како што се обидуваме да ги заштитиме децата од апсорбирање премногу стрес и анксиозност околу коронавирусот, треба и самите да се заштитиме и да најдеме начин да „испариме“ кога ќе ни дојде премногу. Во моментов, животот се врти околу тешење и издржување. Гушкања и галења со децата. Издржливост за мене и за мојот сопруг додека се справуваме со овој надреален животен момент. Лошо-добра телевизија, како Тајгер Кинг. Многу пораки и видео-средби со пријатели. Легнување рано.

Кога ќе ми текне на ова после години, знам дека нема да речам „Требаше децава да гледаат помалку цртани за време на таа глобална пандемија!“ или „Како не решивме повеќе работни листови заедно!“

Судете ми колку сакате. Мене и на моето семејство вака ни е добро.

-Линдзи Пауерс

9 април 2020 - 00:32