Били Ајлиш не е храбра. Нормална е.

Бркајќи „боди позитивити“ преминавме апсурдни граници - каде самото постоење во тело поголемо од нулта величина се смета за храброст.

Не постои добар начин да се зборува за телото на една 18-годишна жена. Едвај ѝ е дозволено да купува алкохол, а сепак, некако се смета за дозволиво да се почне со традицијата на анализирање на нејзиниот физички изглед.

Неделава излегоа папараци-фотографии од Били Ајлиш, каде што носи нешто значително поинакво и потесно од сѐ што носела на сцена. И неизбежно беше на Твитер да одлучат дека е важно тоа да го сецираат, на чело со некој тип што пиша дека „за 10 месеци, Били Ајлиш развила тело на 30-и-кусур-годишна мајка што обожава вино.“

Фотографиите се инаку сосема вообичаени, има маичка и некакви бермуди. Ништо провокативно или гротескно нема, но тоа не спречи еден тон луѓе да твитаат сурови критики за нејзиниот изглед, како на готовс да чекале прилика да ја распарчат. Нејасно е само дали консензусот е дека Ајлиш е некакво грозно чудовиште, или сепак се само дрдорења на неколку разбеснети мажиња по интернет.

Без разлика на тоа, во обид да се одбрани Ајлиш - и тоа искрен обид е во прашање, од страна на млади жени - се формира нов наратив околу нејзиното тело. Сега наративот е дека Ајлиш е „храбра“ што има тело нетипично за славни личности, затоа што не е „сајз 0“. И ова е чест рефрен секогаш кога славна жена јаде во јавност, има колкови во јавност или спојлери во јавност. Тоа што Адел е плус-сајз, или подоцна - тоа што не е - е извор на инспирација, на пример.

Минди Кејлинг доста има зборувано за двозначните комплименти што ги добива, дека е „самоуверена, без разлика што е толкава“.

„Ќе кажат, ‘многу е освежувачко што на Минди ѝ е удобно да се батали и да си биде дебело, морско чудовиште,‘ вели на Џими Кимел уште во 2014.

Никол Бајер објави книга порано годинава, со наслов #МНОГУДЕБЕЛА #МНОГУХРАБРА: Водич за дебели девојки, како да бидат #храбри, а не снеможени, меланхолични, уплакани девојки во бикини. Внатре има корисни предлози за ствари што дебела девојка може да ги прави во бикини, на пример „да мавта на авион“ или „да се дере на дете“. Целта на оваа шегобијна позитивност е да се разјасни дека да не си слаб - дали намерно или не - е еднакво вредно за славење како и да си. Но ова е лажна еквивалентност; го фалиме слабото затоа што мислиме дека тоа ни кажува нешто за нечија вредност, убавина или личност. Проблемот не е толку во славење на еден тип на тело наспроти друг, туку славење на некое тело за неговата храброст, како да има нешто импресивно во постоењето на светов иако телото не ти се конформира на тесните стандарди за убавина.

Да ги одбиваш нормите за убавина, или едноставно да не влегуваш во нив и не е некоја храброст; едноставно е неизбежност, особено кога тие стандарди стануваат сѐ потешки за достигнување. Што значи дека скоро секоја жена на светов треба да е храбра, затоа што ретко која се вклопува во сите карактеристики на совршенство, без разлика дали сака или не сака.

Ајлиш има кажано зошто носи облека „800 пати поголема“ отколку што ѝ треба. Вели,

„Тоа на никој не му дава можност да суди како ти изгледа телото. Не сакам на никого да му дадам изговор за судење. Судиш на сѐ што ти е пред очи.“

Во мај, Ајлиш пушти и краток филм што го користеше на турнеја, со наслов „Не е моја одговорност“. Внатре вика,

„Ако носам широко, не сум жена. Ако сум разголена, ороспија сум. Иако никогаш не сте ми го виделе телото, му судите, и ми судите мене за тоа. Зошто?“

Како млада жена во индустријата, Ајлиш не само што е свесна како телото може да влезе во маркетинг за продажба на албуми и карти за концерт, туку и за начинот на кој може да се сврти против нејзе ако не е доволно мало, или нема форма „каква што треба“. Не е ни чудо што го крие во огромни тренерки и претерано големи маици; кога ќе го покаже, ја напаѓа толпа што мисли дека има право на мислење. Целта на Ајлиш не ѝ е да си го слави телото, туку комплетно да го игнорира за публиката да се фокусира на нејзиниот глас, да ја гледа во очи, да внимава на визуелните средства што ги искористува да ги збогати спотовите и настапите во живо.

Не го користи телото како на пример Лизо, која го покажува отворено, за да влијае на она што се смета за „убавина“ и да каже дека таа ќе ги диктира условите. Праќа пораки за „сакање себе“, секогаш кога ќе се појави во долна облека, но тоа не значи дека Лизо е „храбра“ затоа што избрала да не се мрази себеси, да не биде на диета, или што одбила да се смали. Да те сметаат за храбар што живееш во одреден тип на тело укажува на тоа дека тоа тело, каква и да му е формата и големината, некако секогаш функционира во инфериорност, како на Ајлиш да ѝ е слабост тоа што има просечни раце и торзо со нормални мерки. Нема ништо храбро во тоа што Ајлиш има тело како на возрасна жена, ништо не е похрабро од, на пример, да живееш со зелени очи или кафеава коса. Да нарекуваш некого храбар само затоа што постои во своето тело, не ја поништува моќта на бивањето слаб и не креира никаков еквилибриум во културата. Никаква храброст не мора да има, само генетика е во прашање.

На Инстаграм, откако фотографиите станаа вирални, Ајлиш репостираше објава за боди имиџ со текст:

„Стомак е нормално. Гради што висат, особено после доење исто. Инстаграм не е реалност.“

Вистината за телото на Ајлиш во тие папараци-фотки - вистината за повеќето жени и нивните тела - е здодевна: тоа е само тело и само такво го имаш. Нема морална вредност самото по себе. Да инсистираш да си жив и да ти е удобно не бара „муда“ - само е далеку подобра опција од мразење себеси.

15 октомври 2020 - 15:33