А понекогаш, славиме блог

Честито веридба, честито свадба, честито дете, честито внуче, честито вработување… Камо бе, честито блог?!

Сѐ што конвенционално славиме е фина работа. Другар ти е среќен што се жени, сестра ти е среќна што ќе роди, син ти е среќен што конечно може сам да заработува… Не лежи проблемот во радувањето за ваквите големи чекори во животот.

Имаме ние друг проблем, и сега ќе го решиме, еднаш засекогаш.

Обрнувајќи внимание на работите за кои реално ама баш сите сме способни затоа што, јеби га, таква ни е природата, упорно запоставуваме неверојатни успеси што и познати и непознати ги постигнуваат, а не се вклопуваат така лесно во оние дифолт-категории.

Малку да ги раширите погледите и да ги отворите хоризонтите за нешто друго, ќе видите дека постојат многу, ама многу повеќе ствари за славење.

Братучетка ти што пред 5-6 години се омажи за еден лик, не баш лош, ама цреп (тебе отсекогаш ти беше тоа јасно) - сега се разведува?

Честито!

Другар што беше заглавен зад 486-ка во архива во државна институција решава да почне музичка кариера?

Честито.

Другарка што цел живот сака подебела уста, конечно ставила филери?

Честито.

Купила стан и ќе живее сама?

Честито.

Напишал и објавил книга?

Честито.

Снимил одлична песна?

Честито.

После 20 години сликање во тајност, конечно прави изложба?

Честито.

И конечно, цело време ѝ оди одлично, гради, доградува, помага, другарка е и твоја е, ама плус - решава дека ќе отвара блог, како уште еден медиум каде што можеме да ѝ читаме прејаки ствари?

Чес-ти-то.

АМА! Лесно е да честиташ и да се повлечеш во дувло.

Сите овие ствари погоре треба да се сла-ват. Да стануваат нешто што треба да се достигне, како успех, како мајлстоун, како нов чекор во градење на подобар однос со себе и со светот. Да се бараат слични такви и да се додаваат на список за сла-ве-ње. 

Ви текнува како реагирате кога некој ќе дојде со информација за свадба/бебе?

Замислете, само замислете на кратко како ве исполнува истото задоволство кога некој ќе рече „Другари, дигнав блог!“

А сега, кај Ина.

Честито!

Јана

12 февруари 2020 - 14:42