А да почнуваме со работа од 10?

Науката мисли дека треба.

Можеби живееме во ера на „флексибилно работење” но сепак, фиксното работно време и присуството на работно место се сè уште дел од животот на огромен дел од светското население. Иако често постои опцијата да се праша претпоставен за поголема флексибилност, факт е дека некои компании сепак преферираат да си ги гледаат вработените физички присутни, седнати по канцеларии како доказ за продуктивност.

А од друга страна, свесни сме дека фиксното работно време од 9 до 5 на никој не му врши работа. Сите имаме различен распоред, различни потреби по дома и различни природни шеми на спиење.

Е па, сега, еден експерт за сон апелира до работодавците да им дозволат на вработените да почнуваат покасно, понекогаш дури и на пладне.

Д-р Пол Кели, истражувач во полето на наука за спиење и поранешен директор на Open University (кој своите предавања ги почнувал во 11 и тврдел дека тогаш студентите му се посконцентрирани) вели дека старт на пладне е најдобро за некои луѓе, а за повеќето е 10 часот наутро.

Во неговата нова книга, Body Clocks, Кели расправа дека вработените кои го игнорираат сопствениот биоритам ризикуваат здравје, а работодавците кои сакаат поздрави, посреќни и попродуктивни работници треба да им дозволат да одложување на почетокот на работното време, барем за еден час. Нефлексибилни компании можат да добијат и тужби за разболување вработени, објаснува тој.

„Низ целиот западен свет, возрасни луѓе спијат по 6 ипол часа навечер, а науката упорно налага да спиеме по 8,” пишува Кели, притоа посочувајќи голем број на истражувања кои недостатокот на сон го врзуваат со гојазност, нарушување на менталното здравје, рак и рана смрт.

Вели дека почеток во 10 часот наутро ќе им одговара на повеќето, иако една петтина на кои нормално им е да се будат на пладне сепак би страдала.

„Најфер е во 10, а најдобро е секој сам да си одбере време. Ова би ја намалило загубата на сон кај целата популација.

Кели бара од луѓето да си го најдат сопствениот хронотип на спиење. Само што, и да си го најдат, на повеќето вработени на чиишто претпоставени ни на крај памет не им паѓа да даваат флексибилно работно време - ќе им биде џабе.

Две девојки од Лондон резонираат околу идејата.

Марија Стафорд, 27 го следи Кели, но го нема тој луксуз да почнува со работа кога таа сака, односно - работи од 9 до 6. „10 звучи реалистично, во однос на спијачките навики на повеќето луѓе. Би била попродуктивна, поздрава и посреќна.” И истовремено потсетува дека и патувањето до работа е фактор во недоспивање. „Имам среќа што живеам на половина час со кола од работа, но некои мои колеги мораат да патуваат до централен Лондон, па мораат да станат во 6, да се спремат и да планираат два часа однапред за да стигнат до Лондон. А после работа, додека да стигнат дома, немаат доволно часови во денот за да спијат минимум 8 часа. И ова само во случај да немаат и плус фамилија за гледање!”

Ситал Савла, 37, се опишува како „ужасен спијач”, па побавен почеток на денот би ѝ одговарал повеќе. Во моментов, работи од 8.30 до 5.30, но повеќе би сакала да е тоа од 10 до 7, како на претходното работно место.

„Не се ни чувствувам будна пред 11-12, па не сум ни продуктивна пред ова.”

Почеток во 10 нејзе би ѝ дал време да вежба пред работа, за да си ги ослободи вечерите за други активности, како гледање со пријатели и фамилија, опуштање или работа на нејзиниот блог. И мисли дека нејзиниот шеф би бил отворен за дискусија околу флексибилно работно време, ама па до работа се вози со сопругот и имаат само една кола. И вели, „тешко би било да стигнам до работа на друг начин.”

Дали мислите дека може да се направи муабет со вашиот работодавец за почетокот на работното време?

Или да се посмееме малце?

13 ноември 2018 - 10:13