Интервју со Илина за поткастот „Обични луѓе“
15 ноември 2022
- Името на поткастот е истовремено и прецизен, и по малку ироничен. Која е границата помеѓу обичното и необичното, документарното и фиктивното? Секојдневието е толку полно со изненадувања, а животните приказни на оние околу нас знаат да бидат толку сочни и живописни, што не би можел да ги смисли ни најталентираниот писател.
- Најинтересно е кога не ги знам соговорниците, кои истовремено е тешко да се пронајдат. Таков беше случајот со некогашните деца од цела Македонија, кои во 1965 година биле осмо одделение и оставиле свои состави во книга под наслов „Сакам да бидам“. За нивно лоцирање беше потребна цела Ексел табличка и мрежа „информатори“.
- Најубаво би било слушателите и самите да се обидат да станат автори и да го искористат овој навистина демократски и технички едноставен медиум. Притоа, многу е важна мотивацијата – не лајкови и шерови, туку „зошто ми е важно ова да го раскажам?“.