Гурбетџиски муабети

"Што се случува кога се обидуваме да се вратиме во Македонија, да работиме и да придонесеме таму, што се крие зад зборовите?", запраша Милчо Манчевски добивајќи награда од Обединетата македонска дијаспора.

"Бидејќи ова е собир на македонската дијаспора, мислам дека не сум единствениот тука кој се обидува да ги согледа сопствените искуства со нашата татковина - и, секако, со државата - и да научи нешто од тоа. Што се случува кога се обидуваме да се вратиме во Македонија, да работиме и да придонесеме таму? Што лежи зад зборовите? Дали има начини тоа искуство да биде поефикасно, пофер и генерално подобро, и ако да, што би подразбирало тоа?

Ја напуштив Македонија по гимназијата за да се запишам на филмска школа, се вратив откако дипломирав, но не можев да добијам работа, па се преселив во Њујорк. Таму живеам веќе 30 години. До моментот кога се вратив да го снимам „Пред дождот" во 1993, веќе 11 години живеев во САД и се развивав како филмски професионалец. Дома донесов завршено сценарио, одлична меѓународна екипа и целосно финансиран филм. „Пред дождот" беше поддржан од владата на Велика Британија и од француска компанија. За жал, по почетниот интерес, Македонија го напушти проектот, но ние притиснавме, па македонското Министерство за култура се придружи кога веќе бевме при крајот со снимањето и придонесе со 4% од продукцискиот буџет. Македонското учество беше речиси исто и за мојот следен филм, „Прашина". Денот откако го игнорирав барањето на висок владин функционер за „донација", филмот беше подложен на инспекција, иако беше само втор ден од продукцијата. Финансирањето на следните два филма беше полесно, но државата ме стави на црна листа во 2010, и дури се обиде да го потисне мојот последен филм од меѓународно прикажување.

Во Македонија снимив четири филма. Има нешто што го топли срцето кога создаваш уметност таму кадешто си растел, на место коешто сè уште можеш да го наречеш дом. Исто така го грее срцето кога ви приоѓаат фини луѓе, кои возбудено зборуваат за емотивниот ефект кој го извршиле вашите филмови врз нив, луѓе кои ви приоѓаат на улица, на пазар, во клуб, преку и-мејл, дури и на гробишта. Убавината и идејата на вашиот филм им значи, и тоа е најголемата награда за еден уметник.

Овие четири филмови беа прикажани на повеќе од 200 филмски фестивали низ светот, од Сао Паоло до Токио, од Ерусалим до Венеција, добија речиси 40 награди и заработија номинација за Оскар; тие беа комерцијално солидни (во кино салите, на ТВ и на видео) на 60 глобални пазари, нешто што изгледа невозможно кога доаѓате од мала земја која скоро и да нема филмска индустрија. Овие четири филмови се лоцирани во Македонија, главно се на македонски, и секогаш играат како македонски филмови, што многумина од нас нè направи горди. Ова чувство им значеше на многумина во дефинирањето на тоа што значи да бидеш Македонец.

Сепак, чувствата се фини, но филмот е скапо хоби. Без пари едноставно не може да се направи или да се прикаже филм. Финасирањето на моите четири филмови беше главно меѓународно - пропроцијата на меѓународното во однос на македонското финасирање за овие четири филма беше отприлика 5:1. Владите и компаниите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија плус Еуримаж придонесоа за моите филмови пет пати повеќе од сумата која четири различни македонски влади ја дадоа во текот на последниве 21 година за моите четири филмови. Всушност, сегашната влада потроши повеќе за еден филм, „До балчак" отколку што Македонија вложи во сите мои филмови заедно.

Не се жалам, немам за што да се жалам. Многу ми е добро. Но сакам да ја искористам оваа можност да започнам разговор за тема која многумина тука нè засега - врската и третманот на дијаспората од страна на државата. Што се случува кога се обидуваме да се вратиме и да работиме и да придонесеме таму? Дали има начини тоа да го подобриме, и ако да, што би подразбирало тоа?"

Милчо Манчевски во Чикаго, примајќи награда од Обединетата македонска дијаспора

**********************

Спомнатите теми и дилеми се дел и од пошироко елабориран говор на една тркалезна маса во Холандија. Тој текст, на англиски, го имате тука

25 ноември 2015 - 13:10