Битиќи или небитиќи, прашање е сега

Грците кредитот ќе го подигнат само со 22,06 милиони евра учество, а Македонија ќе им даде 50 милиони евра неповратна помош. Централата ќе генерира профит веднаш по изградбата и на тој начин ќе ги отплатува ануитетите, а на крајот ќе им остане на Грците. Со наше учество и со кредит што ние ќе им го враќаме, централата ќе биде нивна, а не наша.

Конечно ја решив дилемата со цената на Те-То „Митилинеос“. Во договорот помеѓу Владата и „Митилинеос“ стои дека каматите ќе ги плаќа „Митилинеос“, што значи дека централата и тие ќе ја градат на кредит, а не со готови пари.

Манипулативно е тврдењето дека тие ќе инвестирале 290 милиони евра. Толку ќе изнесува конечната вредност на проектот, со се камати во сметководствените книги, но така не се искажуваат капиталните издатоци (Capital Expenditure - CapEx), односно вистинската цена на централата.

Во подолната табела се прикажани пресметките, а изведувањето на формулите со помош на финансиска математика можам да го направам пред нашите пратеници, пред да направат непоправлива и долгорочна штета за државата.

Појдовните податоци се следните:

- вредност на проектот, со се каматите: 290 милиони евра

- почетно учество на инвеститорот: 15% од CapEx

- каматна стапка: 7,5%

- Отплата: во 18 подеднакви годишни ануитети, започнувајќи од крајот на третата година од нултата година (почетокот на проектот)

- електрична моќност на централата: 145 MW (e)

Крајните резултати покажуваат дека:

- Капиталните издатоци (CapEx), односно вистинската вредност на централата, без камати изнесува 147,08 милиони евра

- сопственото учество, за подигнување на кредитот: 22,06 мил. евра

- износ на заемот (кредитот): 125,02 мил. евра

- вкупен износ на каматите: 142,92 мил. евра

- цена по единица моќност: 1,01 мил. евра/MW

Така работите доаѓаат на своето место. Цената е речиси иста како од кинеската компанија Шангај Електрик Груп Ко. Лтд., којашто ја градела Те-То „Панчево“ (0,95 мил. евра/MW).

Но најважно од сé е тоа што кредитот ќе го подигнат само со 22,06 милиони евра учество, а Македонија ќе им даде 50 милиони евра неповратна помош!

Второ, централата ќе генерира профит веднаш по изградбата и на тој начин ќе ги отплатува ануитетите, а на крајот ќе им остане на Грците. Со наше учество и со кредит што ние ќе им го враќаме, централата ќе биде нивна, а не наша!

Ќе бидеме принудени целото производство да го купуваме по загарантирана цена, под закана на пенали.

Ова уште покажува и дека Битиќи не разбира дека цената не е 290 милиони поради инфлацијата, туку поради каматите.

Ние пак, ако како држава не сме способни да одделиме 22 милиони евра учество за кредит (наместо за помош на Грците) и самите да инвестираме во градба според принципот „клуч на рака“, со изведувач избран на меѓународен тендер, тогаш не заслужуваме да постоиме како држава. Штетата е голема до небо, нема зборови за утеха.

Изборите се ближат, затоа масовно гласајте против оваа ненародна и штеточинска власт, за злото да не се врати никогаш повеќе!

професор Дејан Трајковски

15 февруари 2024 - 13:15