Пилешки третман за цело тело

Козметичко студио „Храна за возрасни“ овој пат ви го претставува својот најнов третман за разубавување на денот: „Пилешко во солариум со француско-шпанска масажа“.

Одличен начин како да ги изманикирате обичните намирници и од нив да направите свеченост од која ќе ќари целото семејство и сите сетила. Веќе долго време луѓето не се хранат само на уста. Конзумирањето на храната започнува од очите преку самата естетика, па продолжува преку сетилото за мирис и спид со аромите кои нè „навлажнуваат“, за на крај орално да поентира и да заврши помеѓу забите и јазикот каде што жестоко ќе води љубов до последната калорија.

За храната да ги исполнува сите критериуми од погоре не мора да биде огин & пламен во однос на цената. И најосновните зарзавати, кога се третираат со љубов, можат да дадат извонреден резултат. Прашање само е колку време ви со троши на ауто-негување и хедонизам.

За да се почитувате како мачки у февруар, скролнете:

1. Стартуваме со месото. 800 грама пилешки гради. Ги сецкаме на пола по дебелина. Ги патосираме на сад за печење и се фокусираме кон масажата со етерични масла и билки. Има ли поетерично масло од маслиновото? Нема. Ги лубрицираме парчињата месо со маслиново и зачинуваме со сол, бибер, црвен пипер и оригано. Обострано.

Печеме во рерна на 180 степени, 7 минути по страна. Поентата е пилешкото да не се исуши и да остане сочно.

2. Француска компирова палачинка - или Pommes Darphin.

Излупените компири ги сецкаме на тенки кругови. Потоа секој круг го сечеме напречно на тенки чкорчиња. Компирот го одмараме 5 минути во сад со вода. Потоа го цедиме и оставаме 15 минути да се исуши. Може да ги поминете со фен. Се шалам, немојте.

Загреваме тава со путер. Ги убацуваме компирите оформувајќи круг со дебелина од пола сантиметар. Печеме едно 7-8 минути и со помош на чинија ја превртуваме палачинката од другата страна. Додаваме уште малку путер по страните и печеме уште 7 минути. Резултат: крцкава палачинка со кремаста внатрешност. Посолуваме по желба.

3. Жолт ромеско сос - за да замириса на Шпанија.

Оригиналниот ромеско е портокалов. Но мене жолтата варијанта ми е поегзотична. Во рерна загреана на 200 степени печеме 2 жолти (доколку не успеете да најдете, може и црвени) пиперки, 250 грама конзервирана пченка (гледајте да не е дополнително засладена со шеќер) и чешне лук завиткано во алуминиумска фолија.

Печеме 20-30 минути со тоа што последните 5 додаваме и 30 грама лешници. После оваа солариум сеанса, намирниците ги селиме во блендер со тоа што успат додаваме и 3-4 сушени шери домати.

Пиперките ги лупиме и кремастиот лук го вадиме од лушпата. Малку маслиново, сол и зууууууууум. Сосот е фантазија.

4. Сервирание грешним: прво во чинијата го нанесуваме сосот. Врз него во центар (или во Капиштец) ја поставуваме палачинката. На овој компиров пиадестал го додаваме пилешкото. Јас капнав и малку благ чили сос, но тоа е опционално.

Епа драг читателу, на здравје третманисување. За слични вакви себенегувања, провери ја архивата на „Храна за возрасни“. И врати се сам.

Кирил Стоименов, Нуру-Гуру

11 февруари 2024 - 10:10