Компирова препеченица

Компирот е една од најважните дисциплини во Малешевските олимписки игри. Но исто од витално значење е и препеченицата. „А што ли ќе се добие доколку се вкрстат овие две?“ би се прашал куриозитетниот аудиториум. Ќе се добие еден вонземски вкусен Франкенштајн што ќе ве усреќи како ни еден компир до сега.

Рецептот којшто ќе го припремаме денес го нарекуваат „Џебни компири“ или „Двојно запечен компир“. Супер едноставен за подготовка, супер комплексен на вкус. Едра плетка која е забавна за децата но и одлично мезе за возрасните.

Епа ајде возрасни, да дејствуваме:

4 компири, бројче: Машала. Ги тушираме за озбилно како би елиминирале несакани остатоци од почва. Потоа со врвот од ножот правиме неколку убоди низ површината. На печење 45 минути во претходно загреана рерна на температура од 200 степени.

После ова полувреме ги вадиме компирите и внимателно им ги отсекување капите, со внимателен пресек од 45 агломерски степени. Потоа со лажица почека ја вадиме меката срцевина од компирот оставајќи ѕидови со дебелина пола сантиметар.

Отстранетиот компир го селиме во длабок сад каде што ќе го пасираме. Додаваме: 70 грама путер, 100 грама рендан кашкавал, магдонос, сол, бибер, оригано и црвен пипер, една жолчка и 50 мл. крема за готвење. Компонираме секси пире.

Пред да ги наполниме овие мали компирови кадички, им капнуваме малку маслиново и посолуваме. Потоа ги полниме со магичниот компиров памук. Слободно преполнете ги, нека наѕира пирето над горните краеви од компирот.

Рикверц у рерна уште 15-20 минути или додека не се исшатираат прамените со кафеава боја. Вадиме, чекаме 15 минути малку да подистинат и им влегуваме дрско. Ви останале неколку недојадени? Убацете ги слободно у фрижидер и земете им мерка следниот ден. И ладни се одлични. Бидете креативни со сосот.

На здравје.
Кирил Стоименов.comпир

3 март 2024 - 09:27