Каубојскa кајгана (фритата)

Во ова издание на “Храна за кредитоспособни” се надминуваме со еден рецепт директно од прериите на дивиот запад. И да, не мислам на Албанија. Мислам на местата каде што суви клопчиња од грмушки танцуваат со врелиот ветер и каде што црвеникава прашина се лепи по испотените чела. Тук-таму и по некој кактус во форма на дланка која покажува среден прст.

Од фатаморганската далечина во слоумоушан ефект се приближува нашиот вестерн-херој: гладниот, а богами и жеден каубој. Следува крупен кадар и скенирање од глава до пети. Започнува со прљавиот шешир со дупка на челото, кај триплата дваеска, за да се знае дека станува збор за првокласна бараба. Со врвот од револверот го крева шеширот и пред нас блеснува тој намќорест сурат: подзатворени очи, отворени ноздри и вилици кои ротираат метрономски точно џвакајќи тутун. Продолжува со кожен елек под кој чучи ленена кошула. Надолу панталони со индијански реси, каиш со амблем голем како шахта а на него прикачена футрола за Nokia 33-10. Мала шала, футрола за револверите, мада и со таква Nokia можеш да усмртиш човек. Сцената се крунисува со кожните чизми од коишто дрско висат рѓавите мамузи.

Влегува во салунот, после него остануваат двете вратички да се нишаат без престан (демек толку многу е јак), џитка една монета и нарачува соба, жена, ракија и нормално, кајгана. Е сега, станува збор за шпагети-вестерн продукција, шо значи дека се снима у Италија. Куварот, ваљда по има Џузепе, после квалитетно меркање под око конта за какво говедо станува збор и дека 2-3 јајца таму нема да завршат работа, па мудро одлучува да му спастри една фритата. Фритатата е италијански изум. Би му дошло нешто како фузија од омлет и киш. Не Данило, онаков, француски киш.

Без да губи време влегува во кујна, а таму:

Сецка 2 тиквици, на многу тенки тркалца. Ги сместува во цедалка, посолува, промешува и остава солта да почне да реагира и да ја извади водата.

За тоа време на ситни парченца сецка: црвена пиперка, црни маслинки, кромид и малку брокула. Во длабока тава на загреано масло ги запржува зеленчуците. После 5-6 минути ги додава и исцедените тиквици. Заедно пржи уште 4 минути.

Во меѓувреме во длабок сад кајганизира 6 јајца. На крај им додава малку сол, црн пипер и сецкано кладо кромитче. Со оваа смеса ги прелева зеленчуците.

Со дрвена лажица лефтерно ја распоредува смесата да се смести рамномерно низ тавата. Вака пржи уште минута до две максум, врз тавата додава топчиња рикота (може и павлака или било кое сирење по желба на каубоецот) и топтан ја убацува у рерна загреана на најјако.

Вака нека постои 5-6 минути. Со крпа околу рачката ја вади тавата (често се заборава ова, па да избегнам пцовки и клетви) и каубојската кајгана е репетирана.

Му ја сервира на вечниот осаменик којшто рамнодушно ја теслачи ракијата на шанкот. Ја дегустира, презадоволен е. Заминува горе кон собата да испружи грб троа, за да знае храната дека цар ја е изел.

Мора да одмори добро, затоа што утре го чекам на двобој. … во овој град нема место за еден од нас.

Кирил Стоименов - Шејн, не од Хаустор, туку Мекгован

11 ноември 2023 - 11:23