Феноменот на „терапија со изложување“

Зошто сме опседнати со гледање филмови за епидемии?

Бројките според кои деновиве најгледани филмови на стриминг сервисите се оние поврзани со катастрофи и болести укажува на тоа дека луѓето наместо ескапизам, бираат да се изложат на стравот.

„Зараза“ (Contagion) на Стивен Содерберг со Мет Дејмон и Марион Котијар, и “Епидемија“ (Outbreak) на Волфганг Питерсен од 1995, со Дастин Хофман и Рене Русо, доживуваат огромна популарност деновиве (вториот во моментов е трет по гледаност на Нетфликс во САД). Изгледа некако бизарно токму во моменти на вознемиреност да се вртиме кон содржини кои би можеле истата да ја зголемат, а со тоа и да ја влошат општата ситуација.

Но во психологијата е познат феноменот на безбедно изложување на изворот на страв (exposure therapy). За некои профили на личности, ова не е начин за зголемување, туку напротив, на намалување на стресот, бидејќи овозможува преживување на околности кои се и полоши од она што се случува во реалноста, значи вид ментален и емоционален тренинг. Бројни студии го докажуваат позитивниот ефект на ваквата терапија кога станува збор за опсесивно-компулсивни нарушувања, генерална вознемиреност или специфични фобии.

Постојат три типа на процедури на изложување. Првата е ин виво, односно во живо, а се применува на пример во случаи кога некој има страв од јавен настап, со негово изложување на помала група луѓе (за постепено да се навикне на поголема). Вториот вид е имагинарен, каде пациентите треба да замислат ситуација од која се плашат, и согласно тоа да ја модерираат својата реакција. Третиот е тн. „интероцептивна“, односно се однесува на реакции на поттици кои ги произведува организмот, на пример позабрзаното срцево биење или испрекинато дишење. Во зависност од дијагнозата сите типови експонираност можат да се користат одделно или комбинирано.

Бајките и другите видови усни нарации, книгите, филмовите и уметноста воопшто се токму таков вид соочување со нашите најдлабоки, понекогаш замислени стравови. Оттаму, популарноста на катастрофичните филмови и книги во моментов не е за изненадување. Затоа што во ситуација кога опасноста е реална, тие исто така можат да претставуваат психолошка поддршка. Се разбира, со усул во само-преплашувањето.

18 март 2020 - 16:04