Зошто јапонските тинејџери ја користат свастиката на социјалните мрежи?

Ја препознаваме како симбол на нацизмот и антисемитизмот, но свастиката е широко присутна во древните религии, вклучително и во делови на Азија, каде означува „среќа“ или „милосрдие“. Од пред некоја година младите Јапонци го актуелизираат симболот, веројатно несвесни за бремето коешто тој го носи.

Во модерна Јапонија симболот-канџи 卍 се нарекува „манџи“ и често се среќава (или барем до скоро се среќаваше) како ознака на будистички храмови на јапонските мапи. Во 2016 се покрена кампања за запирање на користењето свастики за идентификација на свети места, и за нивна замена со симбол на пагода на три ката. Ова земјата го направи како подготовка воочи Олимписките игри 2020. Но јапонската јавност остро реагираше, велејќи дека дреевниот санскритски симбол долго време е поврзуван со будизмот и јапонската култура, и дека наместо да се замени, тој треба да им се објасни на странските туристи. 

Можеби поради таа причина, како форма на отпор, истата година „манџи“ беше изгласан како омилен термин на тинејџерите на социјалните мрежи, секако придружен со контроверзниот знак. 

Од тогаш терминот и симболот се користат за означување разни нешта. Тоа може да биде фраза која се изговара кога се прави фотографија (како „чиииз“ во западните земји). Но може да опишува и човек кој е палав и „мангупче“, без оглед дали е машко или женско.

Постои и по изговор многу сичен збор „маџи“, кој значи „сериозно“ или „навистина“. Во сленгот често се среќава како „пополнувач“ во реченицата, без големо содржинско значење, како што Американците изговараат „лајк“.

Инаку, Јапонците за нацистичката свастика имаат посебен збор, хаакенкуроитсу (Hakenkreuz). И визуелно Јапонците велат дека нивниот знак не е идентичен со свастиката, дека е секогаш исправен, додека оној нацистичкиот е изротиран. 

Eден од познатите и на времето контроверзни јапонски романи е оригинално насловен „Манџи“, а авторот е Јуничиро Танизаки. Излезен е при крајот на 1920-тите, и зборува за четворица бисексуални љубовници, па оттаму и симболот на четирикраката свастика која ги симболизира. 

12 јануари 2022 - 16:51