Зошто Французите се плашат да прикажат филм за нивните неонацисти?

Нов филм на режисер чие уметничко име е Диастем (Diastème) сугерира врска помеѓу неонацистите и третата по големина партија во Франција, Националниот фронт. Иако критиките се позитивни, кино салите во Франција ги откажуваат проекциите, поради страв од насилства.

Un Francais (Французин) би требало својата премиера да ја доживее денес, 10. јуни, доколку некој во Франција сепак се осуди да го прикаже. Имено, сопствениците на педесет кино-сали низ земјата најпрвин ги откажаа сите проекции, за подоцна, според француските медиуми, некои од нив сепак да се нафатат на предизвикот. Причината за паниката е сомневањето дека со оглед на содржината на филмот, кој раскажува приказна на локален скинхед кој се „преобратил", локалните нео-нацисти би можеле да предизвикаат нереди на проекциите.

Приказната почнува во 1990-тите, кога млади луѓе со избричани глави и кожни јакни малтретираат хомосексуалци, „обоени" и панкери и ги тераат северноафриканците да ја рецитираат „Марсељезата" и да пијат детерѓент. Еден од нив е Марк, растен со татко-алкохоличар во населба со социјални станови. Тој се жени со русокоса наследничка (која личи на ќерката на Ле Пен), која го напушта откако се расправаат дали во францускиот фудбалски тим треба има и црни играчи. Марк е оставен на себеси, како носач во супермаркет. Но неговите пријателства со колегите-Арапи му помага да сфати дека не се сите криминалци, и тој на крај се откажува од неговите расистички ставови.

Но паралелно со оваа сторија режисерот ја потсетува, особено домашната публика, на настани кои се одвивале во текот на годините во француската политика. Такви се јавните настапи на политичарите на Националниот фронт, кои по неколку инциденти во кои беа убивани имигранти од Африка ги правдаа сторителите, велејќи дека тие дејствувале во „самоодбрана". Еден таков инцидент кој е директен повод за филмот се случи во 2013, кога беше убиен Клемент Мерик, 19-годишен либерален активист, кој почина по улична тепачка со радикални десничари во Париз.

„Националниот фронт е партија со крв на нивните раце", вели Диастем. „Не смееме да ја третираме како која и да е друга политичка партија. Не смееме да ја замаглиме нејзината историска димензија".

Името на режисерот е всушност име на рок бендот којшто го основал кога имал 16 години, а кој потоа му станал новинарски и режисерски псевдоним. Според неговите зборови, неговата цел со овој филм немал намера да провоцира, туку да напише приказна за омразата која расте насекаде околу нас.

10 јуни 2015 - 09:02