Загатките на сфингата: феминистичка историја на крстозборот

Нова книга на Ана Шехтман, поранешна уредничка на познатото списание Los Angeles Review of Books, е истовремено мемоар и културолошка анализа на американските крстозбори од 1910 до 2010. Нејзиниот фокус е на жените кои низ тоа столетие се опседнале со јазикот и неговите правила и се обиделе да ги применат и популаризираат низ игра која за нив била повеќе од само пополнување квадратчиња со букви.

Освен што е долгогодишна новинарка и уредничка, Ана Шехтман е и пасионирана авторка на крстозбори, која од мала се обидувала да смисли зборови со по 15 букви, бидејќи токму таквите се протегаат од почеток до крај на стандардната американска крстозборна „решетка“.

Нејзината нова книга, „Загатките на сфингата: наследување на феминистичката историја на крстозборките“ претставува „групен портрет“ на поголем број жени кои во периодот од 1910-тите до 2010-тите помогнале во развивањето на културата на крстозборките, но кои истовремено - случајно или не - биле и феминистички активистики. 

Приказната почнува со Рут Хејл која во 1924 ја формирала Крстозборната лига на Америка и воспоставила правила кои и денес ја карактеризираат играта: вкрстувањето, симетријата и користењето зборови кои се релативно познати. Таа истовремено била претседател на Лигата Луси Стоун, која промовирала право на жените при мажењето да си ги задржат своите презимиња. Од една страна, таа сакала да ги крши и менува правилата на општеството, од друга во создавањето крстозбори морала да се држи до ригидните правила на квадратчињата.

Маргарет Фарар, пак, уредничка на серијата книги со крстословки на познатиот издавач Сајмон и Шустер, и прв уредник за енигматика на Њујорк Тајмс, ја претворила оваа игра во забава за целото семејство. Надоврзувајќи се на правилата на Хејл, таа го поставила златниот стандард за решетките и промовирала креативност, поттикнувајќи ги другите жени кои се занимавале со истото да одбегнуваат рециклирање на едни те исти термини, туку да внесуваат нови, „позачинети“, навидум опскурни, кои со тоа што ќе се најдат во крстозбор ќе добијат на актуелност.

Составувањето крстозбори до овој момент било сметано за хоби. Дури и кога биле плаќани, жените кои се занимавале со ова не биле сметани како да се вработени. Иронично е дека кога крстозборите и енигматиката станале вносни бизниси, тие се нашле на другата страна, систематски маргинализирани во истиот тој свет на крстозбори кои нивните претходнички и тие самите го поставиле на нозе. 

Шехтман ги носи читателите до 21 век низ нејзината сопствена приказна и праксата кај легендарниот уредник за крстозбори на Њујорк Тајмс, Вил Шорц (за кого во 2012 пишувавме тука). Таа го печела занаетот во 2013 и 2014 кога овој свет минувал низ сеизмички потреси. Се појавил голем јаз помеѓу крстозборите кои ги нуделе големите медиумски куќи, каде нив ги создавале главно мажи. Независните крстозбори почнале забрзано да се објавуваат онлајн, нудејќи нови платформи за поразновидни автори, но сепак со голема дискрепанца помеѓу нив и првите.

Денес, Шехтман жали по тоа што приматот го имаат преземено софтвери кои трупаат зборови во списоци од кои авторите главно ги бираат оние за кои постои поголема веројатност дека некој ќе ги знае, за играчите да не се фрустрираат до тој степен што ќе се откажат од пополнување. Така, опскурни термини кои малкумина би ги знаеле никогаш не влегуваат во игра. Сепак, таа го смета за напредок фактот дека барем во САД денес има повеќе жени на чело на рубриките за енигматика од кога и да е- такви се на пример Лиз Мајнс-Аминзаде во Њујоркер и Пети Варол во Лос Анѓелес Tајмс. 

извор

18 март 2024 - 18:19