Букбокс гледаше

Whiplash (2014)

Каде се границите на тоа да туркаш некого - како родител, пријател или професор - да го даде најдоброто од себе? И дали инсистирањето на совршенство ја оправдува суровоста, која единствено може да се спореди со војнички дрил? Ова се прашањата со кои се занимава филмов, после кој некое време ќе ве болат прстите, како да сте држеле тапанарски палки.

Ендрју (Мајлс Телер) е прва година на престижно њујоршко музичко училиште (Џулијард?), и свири тапани. Неговото тропање му фаќа уво на најозлогласениот професор на факултетот, г-дин Флечер. Со налудничаво влажни очи, избричена глава, постојано облечен во црно и набилдан ко Паљото, тој повеќе личи на припадник на некаква специјална единица (или на злиот лик Виплеш од Ајрон мен), отколку на професор по музика и диригент на џез оркестарот на факултетот.

Дека тука нема јаз помеѓу изгледот и карактерот на Флечер станува јасно многу бргу откако Ендрју ќе влезе како замена во оркестарот, во прво време задолжен само да ги врти нотните листови на поискусниот тапанар. Пробите се далеку од лежерно и забавно музицирање на колеги (иако иронично, диригентов постојано повторува have fun!) - тие повеќе личат на борба за музичарски опстанок во силната конкуренција на школата. Но истовремено никој не може да спори дека тие се и врвен тренинг, за постигнување совршен ритам и изведба. Во таа смисла Флечер е рамен на музички Макијавели, за кого целта е поважна од етиката на применетите средства, без оглед на тоа што од нив може да настрадаат млади души, кои решиле да учат музика затоа што ја сакаат, а не за да бидат вербално и физички малтретирани.

Наскоро, после многу пот, солзи и - што е многу, многу е - крв на бубњевите, Ендрју доживува нешто што личи на нервен слом, и за време на настап го напаѓа Флечер, по што бива исфрлен од факултетот. Но откако веќе нема што да загуби тој, мотивиран од информација дека некој друг студент заради притисоците од Флечер се самоубил, решава анонимно да сведочи против него. Така, професорот ја губи работата и почнува да свири по кафани и да води џез оркестри на фестивали. Откако по нивна средба тој повторно му нуди на Ендрју да свири со него, овој се подлажува - ги вади тапаните од подрум и почнува повторно да вежба. Но на сцената доживува уште едно понижување. „Знаев дека ти сведочеше", му вели тивко Флечер, и најавува композиција кој овој воопшто ја нема вежбано. Сепак, по првичниот шок, Ендрју се созема, и го изведува солото на неговиот живот. Бам-туп-трес-бум-бам, т'с-т'с-т'с, ррррррррррррр. Крај.

За оние кои сè уште го немаат видено филмот, еден совет - немојте да го гледате со некој бубњар. Слично како да го гледате Интерстелар или која и да е друга научна-фантастика со физичар - нивните забелешки, иако може да се релевантни, го одземаат вниманието од главната поента. А во овој случај, поентата е - како да се промовира и обучува „изврсност" во медиокритетен свет? Најопасните два збора во англискиот се good job", вели Флечер. И, колку и да не го оправдувате неговиот начин, тој е во право. Колку пати за да не ве навредат ви рекле дека нешто што сте го направиле е „ок" и на тој начин ви ја одземале шансата да го дадете најдоброто од себе? Тоа и не мора да бидат другите, доволно е самите да се залажувате дека стореното „не е лошо". Ликот на Флечер не се задоволува со тоа „не е лошо" и сака да биде брилијантен. И покрај сиот отпор кон методите на неговиот професор, длабоко во себе Ендрју го посакува истото - оттаму на крај и нивното симболичко помирување. Преку крвавите тапанарски палки до ѕвездите - вака би можела да гласи кратката поука.

Еден од тапанарите кој го коментира филмот, Питер Ерскин, е од оние кои имаат големи забелешки на филмот - од тоа дека во него воопшто не се зборува за љубовта кон музиката, до навидум „брилијантното", катарзично соло на крајот од филмот, кое според него е без врска. Но ако ништо друго, треба да му се оддаде признание на Мајлс Телер дека и покрај скудното музичко образование, за овој филм сите работи ги исвирел сам, при што последната сцена е снимана цели три дена. Поинаку и не можело да биде, затоа што фејк свирење тапани на филм е речиси невозможно да се изведе. Ама ако свирењето во него е медиокритетно, самиот филм не е.

Една од страшничките сцени во филмот:

Комплетниот саундтрак:

1 февруари 2015 - 15:57