Има и македонска верзија

„Вордл(е)“ - „заразната“ игра на составување зборови

Покрај толку игри и апликации, една бесплатна онлајн составувалка на зборови стана толку популарна што цел Твитер е преполн со споделени резултати во форма на мали обоени кутивчиња. Ако до сега не сте знаеле што се, еве можност и вие да се „заразите“.

Џош Вардл (Wardle) е креатор на бесплатната онлај игра, чие име - Wordle - се добива со замена на една буква во неговото презиме. Програмерот од Бруклин во октомври минатата година ја објави оваа составувалка со едноставен, елегантен дизајн, и исто толку прости правила, за погодување збор на денот со пет букви. Во декември играта стана вирална, кога тој додаде опција за споделување резултати во облик на мали обоени квадратчиња, кои почнаа да се шират на социјалните мрежи. 

Во интервју за Слејт Вардл објаснува што го инспирирало да ја креира играта. Неговата девојка многу ги сакала крстозборите на Њујорк Тајмс, ги следела натпреварите за спелување, па тој сакал да ѝ подари апликација која ќе има врска со зборови. Првиот прототип му бил готов уште во 2013, но разликата била што тогаш играта можела да се игра бесконечно долго. Сега може да се игра само еднаш дневно, и зборот е ист за сите. 

Во оригиналниот прототип тој го внел секој збор на англиски со пет букви што можел да го најде, меѓу кои и некои многу опскурни, за кои и самиот никогаш немал слушнато. Оттаму, играчите често се нервирале што не можат да погодат за кој збор станува збор и се откажувале од понатамошната игра. Во новата верзија такви „ексцентрични“ зборови нема. 

Oсновниот концепт сепак останал, а тој подразбира и да нема реклами и да нема монетизација, односно каков и да е вид наплаќање. 

Необично е, но прва земја во која Вордл станал вирален е Нов Зеланд. Извесна Елизабет С која ја популаризирала играта преку Твитер всушност ја измислила опцијата за споделување на резултатите. До тогаш играчите само се фалеле со „Вордл во три (реда)“ (односно три обида од шест можни), но таа ја овозможила визуелната компонента која е многу поживописна. Откако и Вардл ја вклучил оваа опција во играта, таа помогнала во зголемувањето на нејзината популарност.

Сега интернет е полн со слични игри, а луѓето се потсетуваат и на такви кои постоеле и претходно но не успеале да се пробијат како Вордл. Има опција Sweardle (каде сите одговори се пцовки) или Queerdle (геј спин на играта). Постои и Absurdle, „злобна“ верзија на играта која те тера да погодуваш колку што е можно подолго. 

Не помина долго време, излезе и верзија на Вордл на македонски - Зборле. Можете да ја пробате тука. Ама да не се нервирате што нема да можете веднаш после првата игра да продолжите со втора, трета... 

24 јануари 2022 - 09:48