Како да се преживее ураган

Вода, лекови и книги

Пред да удри ураганот, освен вода, конзервирана храна и свеќи, медиумите ги советуваа жителите на источниот брег на САД да складираат и доволно литература. 

Откако ураганот го покоси своето, пак, колку и да звучи необично, меѓу првите информации за штетите беа оние кои се однесуваат на локалните - книжарници.

Кој што сака нека каже, ама природните непогоди како оваа покажуваат дека електронските книги никогаш нема до крај да ги заменат оние на хартија. Замислете сцена: надвор бура, дома нема струја, сте се стуткале во едно ќоше и на пламен на свеќа правите - што? Нормално, читате.

Новинарка на Los Angeles Times известува за моменталната состојба со книжарниците во Њујорк. Најпогодена е галеријата и книжарница Powerhouse Arena во Бруклин (на насловната фотографија), каде водата се искачила на речиси едно метро, уништувајќи ја и влезната врата. Има и книжарници кои или се нечепнати, или успеале навреме да ги засолнат книгите, но ги откажуваат закажаните настани, а некои даваат и 50% „урагански попуст" на електронските книги, со внесување симболичен код за намаление „stormy weather".

Функционирањето на галериите и книжарниците за град како Њујорк е очигледно важен индикатор за „нормалноста" на животот, речиси исто толку важно колку работењето на аптеките или продавниците за храна. Но дури и во вонредни околности, кога нема друго чаре освен да чекаш непогодата да помине па да се фатиш со расчистување на штетата, читањето е добар начин сето тоа да се издржи. Впрочем, исто како и кога нема ураган, бура и поплави.

31 октомври 2012 - 09:33