Во 1973 компјутерот на MIT предвидел дека цивилизацијата ќе се самоуништи до 2040

Во вечно апокалиптично расположение, нагласено од актуелните случувања, медиумите копаат по архивите да најдат кој и кога го предвидел крајот на светот, а тоа да не е баба Ванѓа или Нострадамус. Овој пророк е од старите компјутери.

Претходно пишувавме за тоа дека во 1704 Исак Њутн го превидел крајот на светот околу (или по, „но не пред“) годината 2060-та, користејќи чудна серија на математички пресметки. Наместо да го проучува природниот свет, тој како свој извор на наводните пророштва го искористил Светото Писмо (Откровение). Сето ова денес ни изгледа во најмала рака необично, човекот кој ја поставил основата на модерната физика и астрономија да се занимава со вакви нешта, иако и тристотини години подоцна, се уште има голем број верски предвидувачи на крајот на светот, врз основа на Библиски кодови. 

Денес ним им се придружени научници кои ги толкуваат податоците од истражувањето на климата и одржливоста, кои предвид земаат повеќе фактори, иако не и древни текстови или теологија. Сепак, науката во еден момент пристигнала до истата апокалиптична година како и Њутн, плус-минус некоја деценија. 

„Крај на светот“ во овие сценарија не значи дека светот ќе исчезне во некаков голем „пуф“, туку дека ќе го снема модерниот начин на живот онаков каков што го знаеме: колапс на индустријализираните општества, нестабилна клима, војни, намалување на ресурсите во однос на зголемениот број население итн. Од доцните 1960-ти, елитно друштво на богати индустријалци и научници познато како „Римски клуб“ (често спомнуван во контекст на разни теории на заговор) ги има предвидено овие катастрофи во раниот 21 век.

Еден од изворите на нивната визија била компјутерска програма развиена од MIT од пионерот во областа на компјутерските науки и теоријата на системи, Џеј Фостер. Неговиот модел на глобална одржливост, еден од првите од ваков вид, предвидел цивилизациски колапс во 2040. Причините кои тој ги навел и денес, дваесет години порано од „крајот“, се веќе очигледни.

Тие вклучуваат пораст на населението, пораст на нивоата на загаденост, „влошување на квалитетот на живот“ и прекумерна експлоатација на природните ресурси. Во горното видео се прикажани компјутерски калкулации кои тргнуваат од нашето глобално однесување од 1900-тата, и до она до што тоа може да доведе. „Квалитетот на живот“ почнува нагло да опаѓа од 1940, а до 2020 моделот предвидува нагло покачување на графата која покажува загадување на животната околина. 

Спомнатиот клуб објавува извештај под наслов „Ограничувања на растот“, кој влијаел врз популарноста на книгите на Форестер, „Урбана динамика“ (1969) и „Светска динамика“ (1971). Тој повеќе или помалку се држел до своите заклучоци до крајот на животот, во 2016. Во едно од неговите последни интервјуа, на возраст од 98 години, изјавил: „Мислам дека наодите се уште држат“. Сепак предупредил дека едно е да знаеш што е проблемот, а друго е да го преземеш она што е потребно. 

„Понекогаш луѓето реагираат на проблем мислејќи дека знаат што прават, а не сфаќаат дека она што го преземаат создава друг проблем. Ова е магичен круг, затоа што како што нештата се влошуваат веќе е потребна поголема енергија да се поправат, и така станува сè полошо и полошо“.

Иако не бил прецизен околу виновниците за ваквата ситуација, сепак неговиот модел и денес е актуелен, или барем поразбирлив од оние чудни предвидувања на Њутн.

извор

9 март 2022 - 08:21