Вештачка интелигенција ќе помага за дешифрирање на докторскиот ракопис

Лекарите минуваат низ години учење на материјалот, но едно нешто како да недостасува во програмата - барем скратен курс по краснопис. Додека некому не му текне да го воведе, Гугл ќе се обиде да им дешифрира што пишува на рецептите на фармацевтите и на пациентите. 

Гугл работи на алатка базирана на вештачка интелигенција која ќе помогне во дешифрирање на ракописни медицински документи. Ова компанијата го објави на годишната конференција „Гугл за Индија“ која се одржа вчера, 19 декември. 

Таа ќе биде достапна преку библиотеката на апликации Гугл Ленс, која веќе може да проценува и да копира ракописен материјал од секојдневниот живот на телефон или компјутер и притоа автоматски нуди контекст и информации базирани на дешифрираниот текст. Декодирањето на медицинските белешки ќе функционира на сличен начин. Корисниците ќе можат да аплоудираат фотографија од нив и апликацијата ќе ја процесира сликата, ќе ги детектира испишаните лекарства и аватоматски ќе понуди информации за нив. 

Ова делува како мал чекор за Гугл Ленс, која теоретски и до сега требаше да биде способна да ги чита ракописите на докторите, исто како и сите останати текстови. Сепак, стереотипот за него се потврдува - докторскиот ракопис навистина е полош од просечниот, можеби поради брзањето да се опслужат повеќе пациенти или поради заморот на рацете, доколку на пример станува збор за хирурзи. 

Рачно испишаните рецепти досега имаат предизвикано голем број проблеми, а можат да доведат до медицински грешки кога фармацевтите се наоѓаат во ситуација да нагаѓаат што навистина пишува на нив. 

И покрај обидите (и во нашето здравство) рецептите да се генерираат компјутерски, се уште, барем во САД, оние напишаните рачно доминираат. Истото важи и за земји кои се далеку од општа медицинска дигитализација, каков што е случајот во Индија. 

20 декември 2022 - 16:20