Букбокс акција

Уште ваши купчиња

После првата серија од четири летни купчиња, еве уште две. Кај Букбокс на село како да доjде есен, ама уште имаме за читање. А вие?

Здраво,

Ми се допаѓа и го ценам трудот вложен во Букбокс, па еве и еден допринос од мене. Можеби некој ќе биде мотивиран да прочита нешто од мојот "куп".

Амбициозно, за одмор спакував 4 книги, од кои ќе бидам пресреќен ако прочитам барем две:

1 - A feast of crows - George R.R. Martin - Затоа што претходните 3 книги се брилијантни, а стилот и приказната ми се допаѓаат и повеќе од оние на Tolkien.

2 - A tale of two cities - Charles Dickens - Затоа што ми е на листа за читање и на полица веќе 2 години. А скоро Nolan изјави дека во новиот Бетмен брат му црпи инспирација од книгава.

3 - Report to Greco - Nikos Kazantzakis - Затоа што ми е препорака и подарок од (во голем дел) истомисленик. А не затоа што сум предавник.

4 - Harry Potter und der Stein der Weisen - Затоа што пробувам да научам Германски, па што е подобро од лесна и детска, ама заразна книга.

Поздрав и се најдобро.
Г.
(читателот сакаше да остане анонимен)

Иван Шопов 

Артур Рембо – „Пијаниот брод"

Сакав да проверам дали ѓоновите од ветер на младиот фраер сè уште му функционираат, дали пијаниот брод ќе ме однесе на уште непознати места и дали хаотичните слики од „Илуминациите" ќе ми ја вратат пријатната вртоглавица. Одговорот е потврден.

Горан Живковиќ – „Запали па читај"
Конечно дочекав романтичарот со погана уста што попатно знае квалитетно да ги рашамара политичарите да издаде своја збирка. Еве ја во купчето и не можам да ѝ се изнарадувам. На стадион (или не дај боже митинг) коментарот би гласел: Горане, мајсторе! x10

Јехуда Амихај – „Луѓето без иднина ги љубат луѓето без минато" (плус уште дваесетина други песни што ги најдов на нет)
Уште една поетска „реприза". Едно време ја носев во џебот од капутот и ја читав кај стигнам – во автобус, во парк, во од додека пешачам накај дома, а еднаш и во кафана додека во позадина одеше „Мори моме Магде". Сигурен сум дека заборавив уште неколку локации кај што го читав Амихај, ама никако да ги заборавам стиховите кај што зборува за сеќавањето и заборавот.

Конрад Пол Лисман – „Теорија на необразованието"
Брилијантна критика на реформите во образованието во Европа и образовниот систем што во некоја варијанта адаптирана за земји со пречки во развојот го добиваме и ние. На кратко, муабетот отприлика е овој: општество на знаењето = срање.

Милена Марковиќ – „Црна лажица"
Брутална кога не очекуваш, нежна кога треба, едноставна и моќна – секогаш. Милена е позната по драмите (на пример, „Брод за кукли") ама не е претерано да се каже дека поезијата заслужува еднакво внимание.

Митре Ристо Николов – „Пресек на времето"
Ќе наведам само една строфа:

Помагај мили Боже
времето не се мере
детето навечер излезе
а сабајле се прибере

11 август 2012 - 09:40