Уметникот што претвори 6000 примероци од „Кодот на Да Винчи“ во Орвеловата „1984“

Шест години откако хуманитарна продавница во Велс замолила веќе луѓето да не им носат копии од популарното дело на Ден Браун, уметникот Дејвид Шригли одлучил да ги „рециклира“ во друго дело, со попоучна порака.

Продавница за предмети од втора рака на организацијата Оксфам, чиј приход оди за хуманитарни цели, почнала да се гуши во примероци од „Кодот на Да Винчи“, по што бил поставен знак: „Ве молиме да не ни донирате веќе примероци од оваа книга. Подобро дајте ни ги вашите винили - итно ни требаат за нашите муштерии да бидат задоволни и да заработиме повеќе пари за Oксфам [меѓународна организација за борба против сиромаштијата]“. 

Уметникот Дејвид Шригли го забележал знакот и почнал и самиот да собира „Кодови на Да Винчи“, но со една специјална цел - хартијата да ја употреби за да направи хартија, а врз неа да ја реобјави „1984“ на Орвел, која во 2020 беше ослободена од авторски права. 

„Ова е мојата порака - разбудете се, живееме во тоталитарен режим!“, изјавил авторот на проектот.

Шригли вели дека неговиот избор на хит-книгата од 2003 на Браун не е книжевна или каква и да е друга критика. „Таа им значи многу на голем број луѓе. Можеше лесно да биде и 50 нијанси сиво, сигурен сум дека и од неа има илјадници копии наоколу“. „Кодот на да Винчи“ го привлекла поради фактот дека очигледно многу луѓе сакале да се отарасат од книгата, а и затоа што „изгледа сме програмирани да мислиме дека книгите не смеат да се фрлат во ѓубре“.

Во текот на рециклирањето имало и некои интересни преклопувања. Кога требало да се најде дизајнер за корицата за новата „1984“ излегло дека дедото на ангажираниот дизајнер го лекторирал оригиналното издание, а малата фабрика за хартија која ја користеле за да ја рециклираат едната и за да ја добијат новата хартија во текот на процесот изгорела, па морале да се снаоѓаат со друга. 

Вкупно се направени 1250 изданија на „1984“, а заедно со нив Шригли објавува и 30-минутен документарец за целиот проект. 

27 октомври 2023 - 06:50