Уметничкиот проект што ќе пристигне на Месечината во 2017

Во 1970-тите на вселенските летала Пионир 10 и 11 беа поставени плочи кои содржеа податоци за животот на Земјата, за вонземјаните да знаат со кого би имале работа ако баш решат да нè контактираат. Но она што наскоро ќе биде испратено на Месечината како уметничко-научен проект којшто го претставува човештвото е многу пооткачено.

„Месечева арка" содржи елементи кои ги претставуваат сите земски уметности, „згуснати" во нешто што може да се опише како скулптура со дијаметар од 20 сантиметри, во чие создавање учествувале 200 уметници и дизајнери. ДНК од генетски модифицирана коза, шишенце од измешана крв од 33 уметници, збирка фотографии кои еден од нив ѝ ги испраќал на жена си во тек на петгодишен период - сето ова ќе се најде на роверот којшто на Месечината го испраќа Институтот за роботика на Универзитетот Карнеги Мелон, како кандидат за наградата Лунар ИксПрајз којашто ја доделува Гугл. 

„Во текот на првото слетување на Месечината светот беше шокиран од воодушевување. Во следните децении само уште 10 луѓе зачекорија на неа. Мораме одново да го разбудиме чувството на зачудна љубопитност која стои во основата на нашата врска со Космосот, и да создадеме значајни артефакти кои ќе го надминат досегот на човечките стапки" - се вели на официјалниот сајт на проектот

Иако е тешко да се опише што точно претставува „Месечевата арка", таа е комбинација на уметнички и технолошки процеси и материјали од нано и микрометарски димензии. Оваа „неенциклопедиска претстава" за животот на Земјата е вградена во форма на четири прецизно конструирани капсули, во кои има изрежани дискови од сафир, метални скулптури и микрокапсули кои содржат различни видови податоци, слики и физички елементи.

Четирите комори имаат и свои имиња - Земја, Метасфера, Месечина и Етер - а се заштитени со алуминска обвивка (3Д проекција погоре). За да биде дел од товарот, Арката не смее да надминува тежина од 170 грама. Откако еднаш ќе се постави на површината на Месечината, таа нема да се поместува, така што таму таа може да мине и милиони години. Реплика на Арката ќе биде задржана на Земјата, за да биде изложувана за јавноста.

Целата работа повеќе изгледа како концептуална уметност, а нејзините креатори на овој начин сакаат, наместо да забодат знаменце и да ја прогласат месечевата површина за освоена, да воспостават „споменично место" на човештвото на Месечината:

„Ова е како да оставаме трошки од леб кои некој во иднина би можел да ги следи", вели еден од уметниците кои учествуваат во проектот. „Тоа е обид да се комуницира напред во времето"

4 јануари 2016 - 10:46