краток филм

Том во Виена

Во 1979, додека бил на европска турнеја, Том Вејтс oдржал концерт и во главниот град на Австрија, и се согласил да мине еден ден со филмска екипа. Погледнете го: има само 30 години, раскажува ко некој врач, и е многу сладок.

Руди Дозезал и Ханс Розахер во април '79 го начекале Вејтс во Виена и го замолиле да снимат филм со него. Тој се согласил на лице место, импровизирајќи го муабетот, кој почнува на нешто што личи на напуштена или барем ретро бензинска станица, за потоа да се продолжи по кафани и на самиот концерт.

На бензинската тој вели:

„Ова ме потсетува на место каде работев во Нешнл сити, Калифорнија, се викаше Spotco Self Service...работев за еден господин по име Чарлс Спотко. Секогаш доцнев. Дрочев до доцна во ноќта, и се влечев до работа, доаѓав во десет и пол сабајле. Тој ми се дереше што доцнам. Секогаш велеше дека нема да биде ништо од мене. Никогаш не мислев дека ќе стојам на бензинска во Виена, Австрија. Да му кажев на Спотко дека еден ден ќе се потпирам на пумпа на бензинска во Виена Австрија, тој сигурно ќе ми речеше дека сум луд".

Триесетминутното филмче е посластица за љубителите на Вејтс, кои се и можеби единствените кои ќе успеат да разгатнат што мрмори овој, додека на пример прекрасно ја раскажува приказната за извесен саксофонист и неговото патување во Европа во потрага по своја публика, со трагичен крај од кој - ќе се пукнете од смеење.

Ако случајно имате проблем со разбирањето, сосема истата приказна/виц/анегдота на темата ја има во Permanent Vacation, првиот долгометражен филм на Џармуш од 1980. За среќа успеавме да ја најдеме токму таа антологиска сцена, со превод на - турски! Можеби ќе го препознаете Френки Фејсон од Wire, кому ова му бил прв посериозен филмски настап. Приказната тука се вика „Доплеров ефект", но не мора да знаете физика за да ја сфатите. Не знаеме дали Џармуш ја „украл“ од Том, или пак ова било виц што кружел во нивно друштво, ама во секој случај е добар.

Бидејќи ембедирањето е оневозможено, гледајте го тука.

Сцената од Permanent Vacation:

24 август 2013 - 09:44