Невозможната опера

Тери Гилијам (пак) го режира Берлиоз

Францускиот композитор бил далеку пред своето време, имал премногу идеи, бил спектакуларен и без скрупули. Пајтоновецот вели дека, накратко, тој бил - како него. И режира негова опера, по втор пат.

Бенвенуто Челини е првата опера на Хектор Берлиоз, премиерно изведена во Париската опера во 1838. Публиката била вознемирена од радикално новиот пристап, почналa да се буни среде претстава, а музичарите подоцна изјавиле дека таа е „невозможна" за свирење. Е токму неа следната година во Англиската национална опера ќе ја режира пајтоновецот Тери Гилијам.

Тој во 2011 веќе режирал опера на овој француски композитор, „Фаустовото проклетство", која се покажала прилично успешна, иако според зборовите на Гилијам се работело за „почетничка среќа". Тој уште изјавил дека Берлиоз со своите уметнички визии бил далеку пред своето време, дека имал премногу идеи, бил спектакуларен и без скрупули, и дека затоа - се идентификува со него.

Приказната на „Бенвенуто Челини" е делумно инспирирана од животот и спомените на скулпторот од Фиренца од 16-тиот век, Бенвенуто Челини, односно на неговата автобиографија. Неговото име често се споменува во славни книжевни дела (Балзак го споменува во „Шагринска кожа", Твен во „Авантурите на Хаклбери Фин", Мелвил во „Моби Дик"), Салвадор Дали изјавувал дека тој му е голема инспирација, а според неговиот живот и дело освен споменатата опера на Берлиоз е направен и Бродвејски мјузикл, напишан од Курт Вејл и Ајра Гершвин, кој се извел само 43 пати. Самоувереноста на Гилијам ни дава за право да веруваме дека неговата опера ќе игра многу подолго.

 

4 мај 2013 - 08:39