Татлиновата кула: 100 години од советскиот утописки проект

Да била изградена, нејзината челична рамка би била за 91 метар повисока од Ајфеловата кула, во тоа време највисоката структура направена од човечка рака. И овој рекорд би го држела повеќе од половина век, до изградбата на „кулите близначки“ во Њујорк, кои биле отворени за јавност во 1973.

Споменикот на Третата интернационала, познат како Татлиновата кула, бил дизајниран во 1919-1920 од рускиот уметник и архитект Владимир Татлин. Дизајнот бил револуционерен, бидејќи и времето било такво - само што завршила октомвриската револуција од 1917. Нејзината локација требало да биде Петроград (потоа Ленинград, денешен Санкт Петерсбург), a таа да биде седиште и обележје на Коминтерната.

Челичната рамка требало да содржи три стаклени елементи: коцка, цилиндер и конус. Тие би ротирале, секој посебно, еднаш годишно, еднаш месечно и еднаш дневно, а во нив би биле сместени конференциска сала, законодавна комора и информациски и пропаганден центар на Третата комунистичка интернационала. Висината требало да биде 396 метри.

Русија во тоа време била банкрот и среде граѓанска војна, не се знаело од каде би се набавило толкаво количество челик, а било и големо прашање дали реализацијата од структурен аспект е воопшто можен. Оттаму овој храбар симбол на модерноста никогаш не бил изграден. Денес за него знаеме само преку фотографии на оригиналниот модел, одамна уништен, и преку реконструкции направени врз основа на скиците на авторот.

Модели од кулата денес има во Модерна мусет во Стокхолм, галеријата Третјаков во Москва, Центарот Жорж Помпиду во Париз, а скулптурата на Аи Вевеи „Фонтана на светлината“ од 2007, која во моментов е изложена во Лувр Абу Даби, е моделирана врз основа на Татлиновата кула.

Татлин (на сликата горе) бил авангарден уметник и пред болшевиците да дојдат на власт. Но наскоро тој ќе се издигне во главен промотор на револуционерна уметност чија цел е поддршка на утопискиот идеал на советската држава. Нова уметност за нов свет, која ќе гледа само кон иднината, правец подоцна познат како конструктивизам.

За жал духот на радикалното експериментирање до раните 1930-ти почнал да гасне. Сталин почнал со чистки на радикалите од секаков вид, па и на уметниците, и конструктивистите, и супрематистите, кои морале да се откажат од своите стилови, и да сведочат како нивните дела се цензурирани. Единствена официјално поддржана уметност бил реализмот. Така во заборав паднал и големиот утописки проект на Татлин, кој сепак останува моќен симбол на едно време и неговите аспирации. 

30 јануари 2020 - 16:58