Тајниот свет на ловци на дневници

Има луѓе кои копаат по стари книги во потрага по нечии дневнички записи. Има некоја магија да влезеш во свет на туѓинец за кој знаеш дека не е лик од книга. Но некои се против објавувањето и трговијата со овие парчиња интима.

Сели МекНамара им има кажано на своите четири деца дека ако некогаш има поплава или пожар во нивниот дом во Сиетл, тие прво треба да ја спасат Олга. Но Олга не е најмладиот член или милениче, туку скапоцен 118 години стар дневник напишан од жена со исто име во 1902, кој ги содржи нејзините искуства како млада имигрантка која пораснала во строго религиозно семејство во Америка.

Мекнамара го купила дневникот онлајн во 2005, но ова е само еден од таквите наслови. Во изминатите 35 години таа има прочитано над 8000 дневници на непознати луѓе. Како дете, мајка ѝ ја носела на „лов на предмети“ - копање по купишта стари нешта по бувљаци, меѓу кои понекогаш се наоѓале и стари тетратки или книги кои во нив содржеле рачно испишани белешки. Кога татко ѝ се убил на нејзина 13-годишна возраст зад себе оставил заклучен сандак полн со документи кои сега се загубени. Таа не сакала ова да им се случи и на други луѓе, па почнала да собира дневници и писма, заљубувајќи се во луѓе кои никогаш ги немала видено.

Најпрвин почнала со купување дневници во старинарници, но кога пријателка ѝ кажала дека истото може да го прави и на ebay, од 1998 почнала да го користи сајтот за продавање и купување. На нејзиниот профил до сега се регистрирани 8026 книги, односно дневници.

Иако до скоро со нејзиното хоби се занимавал тесен круг на луѓе, сега ова станува популарно. На Јутјуб се појавуваат видеа со наслов „купив дневник на непознат човек“, а видеото од декември 2017 со кое започнал ваквиот тренд е видено повеќе од 6 милиони пати (!).

Според некои ова е некој вид воајеризам, но и злоупотреба на туѓата интима за постигнување лајкови и кликови. Она што пак јутјуберите го велат е дека внимаваат на моралните аспекти и не споделуваат ништо од живи луѓе (или ги менуваат имињата) а исто така одбегнуваат да зборуваат за мрачните делови од истите.

Во текст на Гардијан посветен на оваа тема се опишува начинот на кој трговците и/или љубителите на дневници доаѓаат од нив. Мекнамара има продавано примероци и на музеи и универзитети, а највредниот бил од свештеник кој го сретнал поглаварот Бикот Кој Седи во 1860-тите (го продала за 10.000 долари.

21 октомври 2020 - 09:09