Строгите правила на Хичкок како да се гледа неговиот „Психо“ во кино

Кога во 1960 излегол еден од најпознатите филмови на Хичкок, за да привлече внимание и за да си ги врати вложените пари, тој смислил лукава рекламна кампања. Пред секоја сала поставил постер со предупредување - „Директорот на ова кино доби инструкции, по ризик на својот живот, да не пушта никого откако ќе почне проекцијата. Сите обиди за влез од странични врати, пожарни излези или излези за вентилација ќе бидат санкционирани“. Колку и да звучи чудно, ова успеало.

„Психо“, еден од најпознатите филмови на славниот режисер, не се случил баш лесно. Парамаунт, студиото кое стоело зад него, не било воодушевен од филмот и одредил многу мал буџет. Така, Хичкок морал самиот да дособира пари, преку својата телевизиска компанија Шемли Продакшнс. На крај тој изнесувал помалку од еден милион долари. Трошоците биле строго контролирани. Оттаму, иако била 1960, филмот бил снимен во црно-бела техника.

Кога бил завршен и почнал да биде прикажуван во кино, Хичкок ја контролирал промоцијата. Ѕвездите, Ентони Перкинс и Џенет Ли, не се појавувале како вообичаено во медиумите. На критичарите не им следувале приватни проекции. Хичкок создал големи очекувања, регулирајќи го искуството на гледачот. По негови инструкции, прикажувањата на филмот се одвивале со строго контролирани распореди во кина во Њујорк, Чикаго, Бостон и Филаделфија. Била применета политика на „нема доцнење“ - или ќе го гледаш филмот од почеток или нема да влезеш. За таа цел на влезовите од кино-салите стоел постер:

Нема да ви дозволиме да се мамите себеси. Морате да го гледате ПСИХО од самиот почеток. Затоа, не очекувајте дека ќе бидете пуштени во салата по почетокот на секоја проекција. Нема да влезе никој, и тоа значи никој - ниту братот на директорот, ниту претседателот на САД, ниту кралицата на Англија (Бог да ја благослови)!

Менаџерите на кината на почетокот ја отфрлале идејата, стравувајќи од финансиски губитоци. Но Хичкок си се држел до своето. И се покажало дека бил во право. Пред кината се формирале долги редици. „Психо“ доживеал успех и кај критиката и кај публиката, до таму што филмот бил повторно издаден во 1965. 

15 август 2023 - 18:10