Стрип за животот на Агата Кристи

Од нејзиното детство во Англија, преку кариерата исполнета со авантури, до староста како Дама Агата, ова е приказна за една од најславните писателки на сите времиња, која не само што измислувала мистерии, туку и ги живеела.

Пред некое време пишувавме за необичниот настан од 1926, кога тогаш веќе позната писателка Агата Кристи едноставно исчезнала. Тоа биле 11 денови помеѓу 3 и 14 декември, во кои се одвивала масовна полициска потрага. Откако била пронајдена, таа тврдела дека едноставно ништо не се сеќава.

Ова е очигледно интересна приказна, која до сега имаше инспирирано еден роман-бестселер, под наслов „Лавиринт“. Но со него почнува и една нова графичка новела, „Агата: вистинскиот живот на Агата Кристи“. Книгата е соработка помеѓу Ане Мартинети, уредник во француска издавачка куќа која специјализира објавување крими-романи, Гијом Лебо, наградуван автор на, меѓу другото, графичка биографија на Стиг Ларсон, и Александар Франк, стрип уметник.

Со оглед на тоа што Мартинети ги уредувала сите француски изданија на романите на Кристи, таа има доволно познавања за да може да ги комбинира биографските податоци за животот на познатата авторка со нејзините фиктивни приказни, на моменти соочувајќи ја со нејзините ликови, Херкул Поаро или Мис Марпл, како да се тие реален дел од нејзиниот живот. Во некои сцени се појавуваат и други познати писатели од истиот жанр, како Артур Конан Дојл.

Агата ја запознаваме уште како дете со среќно детство, како жена на поручникот Арчи Кристи, како болничарка во текот на Првата светска војна, како неуморен патник, како светски позната писателка, како „дама“ прогласена од кралицата. И како слободоумна модерна жена, која уживала во летање и сурфање.

31 август 2016 - 18:09