помалку познати американски автори

Сте слушнале ли за Рендал Џарел?

Koга се работи за американската литература на дваесетиот век, постојано како да се вртат едни и исти имиња, за кои веќе знаеме и најситни детали од приватниот живот. На таа сметка, други пак се неправедно запоставени и речиси непознати во нашата средина.

Еден од нив е Ричард Бротиган, чија поезија ја претставивме (и преведовме) пред неколку години. Сега ви го претставуваме Рендал Џарел (1914-1965), литературен критичар, романсиер и детски автор. Во текот на животот тој сепак бил најпознат по поезијата, заради која бил прогласен за поет-консултант (денес позицијата се нарекува 'поет лауреат') на Конгресната библиотека во Вашингтон (еден вид стипендија/награда која се доделува од 1937, а досега ја имаат добиено големи поети како Вилијам Мервин, Роберт Фрост и Јозеф Бродски). Познати му се и две детски книги, Поетот-лилјак и Животинското семејство, кои се илустрирани од Морис Сендак.

Она што овој автор го поврзува со претходно споменатиот Бротиган е депресијата од која страдал при крајот на животот, и заради која најверојатно се самоубил - сообраќајката која ја предизвикала неговата смрт официјално се води како несреќен случај, но неговите пријатели биле убедени дека тој сепак се фрлил под автомобилот. Првиот симптом кој го забележале домашните на необично однесување било кога во 1963, откако ја видел веста за убиството на Кенеди на телевизија, неколку дена минал на истото место во дневната плачејќи. Следеле неколку години лечење и престои во институции, кои за жал не му помогнале.

За Џарел велат дека неговата поезија се карактеризира со оригналност, ерудиција, луцидност и неодолива страст. И прилично e тешка за преведување, би додале. Ѝ благодариме на Марија за помошта во преводот на оваа негова песна. Доколку некој знае за уште преводи на македонски на негови песни, нека ни ги испрати, ќе ги додадеме.


ДЕЦА ОДБИРААТ КНИГИ ВО БИБЛИОТЕКА

Со чудовишта и богови, горе, ѕидот е светол.
Детската глава наведната над полиците обоени од книги,
Е бавна, накривена и гладна,
Елегантно движејќи се сo слепа грациозност..сепак, од муралот, Грижко
Сивоокиот, ловејќи во утринската магла го фаќа малиот херој за коса,
и му шепоти на јазикот на боговите и децата,
зборови за пропаста вселенска како зората
Ама обелена исто како зората, со роса.
Детските извици
Им се на луѓето како звуците на штурците, полни топлина
--но, брцнете со прст во Фафнир* вкусете го,
И нивните зборови се чисти како среќа и болка.
Нивните сказни полни со вештери и ламји
Затоа што нивните животи се: променливо бескрајно
што, како и од родителите, никој до сега не го избегнал
Освен на среќа или со магија; а бидејќи силата
и умот се џабе, паметен или глуп чекај
благодарност од некоја сила, од плимата и осеката на нештата.
Во меѓувреме читај.. лови низ полиците како пес
по ливадите,
И најди лек за болестите на Секоедете
Почнувајќи: Еднаш многу одамна си беше
еден волк што хранеше, едно глувче што бранеше и мечка што јаваше
Момче, нам луѓе, аман! волци, глувци, и мечка нé мачеше
А пак волци, глувци, мечки , деца, богови и луѓе
бавно врват угоре и удолу по полиците
На универзумот бараат...кој знае што освен самите себе?
Кон она што некои прибегнуваат други бегаат, ако откриеме дека патот на Сван
е подобар од нашиот и газиме на опашот на северниoт ветер кон-кон некаде источно
од сонцето западно од месечината, затоа што живееме тргувајќи со туѓата мака за нашата, туѓите
невозможности, уште неповерувани, за нашите...
„Јас сум сеуште јас?" За кратко забораваме:
Сите себства на светот ја лечат кусава болест, јас,
И ни се поклонува нам со росни очи големата
ПРОМЕНА, мила на сите што не си се себеси омилени.

Рендал Џарел

препев: Марија Димовска

оригиналот тука

* Фафнир - митко нордијско суштество, симбол на алчност.

11 септември 2013 - 13:29