Злосторникот и неговото авторско право

За цитирање на Гебелс треба да се плати

Наследниците на Јозеф Гебелс го тужат издавачот Рендом Хаус заради употреба не негови записи во нова биографија посветена на овој озлогласен министер за пропаганда на Хитлер. Став на издавачот: не плаќаме авторски права на злосторници.

Авторот на книгата посветена на Гебелс е Питер Лонгерич, а оригинално е објавена во Германија во 2010. Тужбата следи по најавата дека истата ќе се појави во англиска верзија кон крајот на мај.

Лонгерич, кој е професор по модерна германска историја на Универзитетот во Лондон, во своето дело обилно цитира делови од дневникот на Гебелс. Свесен дека тие подлежат на авторски права, издавачот најпрвин се согласил да ги плати, но подоцна се премислил, изјавувајќи дека го смета за погрешно давањето надомест на воен злосторник.

Конфликтот всушност настанал кога Рендом Хаус сакал парите да ги уплати во фонд за жртвите на холокаустот, а идејата не наишла на разбирање од страна на сопственичката на правата за дневниците. Нејзиното име е Кордула Шахт, татко ѝ бил министер за економија на Хитлер, и бил осуден во текот на Нинмбершкиот процес по Втората светска војна. Таа инсистирала парите да отидат кај роднините на Гебелс.

Но авторот Лонгерич сепак не смета дека суштинскиот проблем тука е тоа што се работи за материјали на некогашен нацист, туку за нешто покрупно - контролата којашто ја има некое приватно лице, сопственик на значајни историски документи, врз нивното користење, што може (како во случајов) да се сведе на цензура. Сепак, чисто правнички, моралните причини (засега) не се легитимна причина за неплаќање на авторски права.

Само за потсетување: во текот на последните часови на нацистичкиот режим, Гебелс ги отру своите шест деца пред тој и неговата жена Магда да се самоубијат во Хитлеровиот бункер.

20 април 2015 - 08:39