На Американците им е потешко

Книга-бомба за Хилари

Додека ние сетилно сме ориентирани кон слушање „бомби“, Американците деновиве ќе имаат потешка задача - да прочитаат книга, ако сакаат да ги дознаат наводните валкани зделки со кои се занимавала кандидатката за претседател на демократите. Не знаеме дали таа содржи транскрипти од монтирани и креирани телефонски разговори, ама па затоа има километарски наслов.

„Клинтоновиот кеш" го истражува потеклото на парите примени од страна на фондацијата Клинтон од „странски ентитети". Многумина со нетрпение ја очекуваат, но други стравуваат дека таа може да ѝ наштети на кандидатурата на Хилари. 

Книгата со целосен наслов „Клинтоновиот кеш: нераскажаната приказна за тоа како и зошто странските влади и бизниси помогнаа Бил и Хилари да се збогатат" ќе излезе на 5 мај, а најавите се дека таа „ќе шокира" и дека содржи „големи вести".

Главната е дека странци ѝ плаќале на Фондацијата и на поранешниот претседател за скапи говори, а од друга страна добивале услуги од Хилари, односно таа промовирала такви одлуки на Стејт департментот кои им биле од корист.

Примери за ова се развојни проекти за санација на последиците по хаитскиот земјотрес од 2010, и повеќе од 1 милион долари платени на г-дин Клинтон од страна на канадска банка и главен акционер во Keystone XL, нафтовод чиј проект во тоа време бил дискутиран во Стејт Департментот.

Ова не е прва книга против Клинтонови, чии приврзаници ги сметаат како специфична форма на конзервативна пропаганда - меѓу нив „Крвав судир" за тензиите помеѓу Клинтонови и Обама на Едвард Клајн и „Clinton Inc.: смелата обнова на една политичка машина" на Даниел Халпер.

Иако новата книга не е излезена, претседателските кандидати на Републиканците веќе наголемо спомнуваат делови од неа во нивните кампањи, како некаков трејлер пред главниот удар. Од друга страна, Брајан Фалон, гласноговорникот на кампањата на Клинтон, изјавил дека книгата „извитоперува претходно познати факти и ги претвора во апсурдни теории на заговор", како и дека „ова не е прво дело фикција во врска со Клинтонови, а знаеме дека нема да биде ни последно".

Авторот Питер Швајцер самиот се опишува како американски конзервативен автор, а меѓу претходните книги има уште една со обилен наслов - „Исфрлете ги сите: како политичарите и нивните пријатели се богатат и со инсајдерски берзански информации, трговија со земјиште и непотизам нè ставија сите нас во затвор". 

21 април 2015 - 08:26