Иновација без иднина

Скратено ’the’

Славниот австралиски сопственик на ресторани Пол Метис измислил нов симбол за кој се надева дека ќе го замени зборот 'the' во пишуваната комуникација. Тој е хибрид помеѓу големо Т и мало латинично х, но неодоливо потсетува на една друга буква од нашето соседство.

Метис засега има инвестирано околу 65,000 австралиски долари (сумата варира во зависност од изворот) во развивање на симболот и апликации за Андроид тастатура кои ќе го вклучуваат, а најскапата од нив предвидува и скратено пишување на 14-те најкористени зборови во англискиот.

Со оглед на тоа што the е најфрекфентниот, неговото скратување според иноваторот ќе заштеди голем број карактери во Твитер пораките и официјалните преписки. И...толку. Аргументите за воведување нов симбол за него главно се сведуваат на: „ако петтиот збор по фрекфенција на користеност - и (and) - има свој симбол, & - зошто па зошто the да го нема?".

Но знакот за 'и' (&), наречен амперсенд се развивал органиски во текот на вековите - бенедиктинските калуѓери ја измислиле неговата модерна верзија, дур на рака копирале верски текстови. Метис не се става во истата лига, но сепак вели: „Кој знае, можеби за едно 500 години луѓето ќе бидат воодушевени што во еден момент сме престанале да го пишуваме the".

Ај што од Епл не мислат така, и ја одбиле неговата апликација, туку и коментарите на јавноста не му ветуваат добра иднина на овој симбол. За него се вели дека не само што не е неопходен, туку е и смешен, и дека неговиот автор е подобро да се држи до вегетаријанските ресторани и органската морска храна отколку да се меша во работата на дизајнерите.

Србите засега немаат коментар.

8 јули 2013 - 09:46