Што е тоа „солидарност“?

На 60 годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес се потсетуваме на зборот кој ја означи судбината на овој град, но на кого во секојдневието забораваме, како да е некаков реликт од други времиња.

Од латинското solidum (целосност, цврстина), солидарноста означува заедништво или договор помеѓу поединци за остварување на заедничка цел или давање взаемна поддршка. Истовремено, таа е подготвеност за пружање психолошка или материјална потпора на друго лице во тешка ситуација, без очекување на возвратна услуга. 

Она во што се разликува толкувањето на солидарноста, меѓу другото, е нејзината основа, односно што е она што го дефинираме како „заедница“. Дали е тоа само тесниот круг на атомското или проширеното семејство, најблиското соседство, етничката и верската група или навистина може да биде и целото човештво? 

Помеѓу филозофите што се занимавале со ова прашање најчесто се цитира социологот Емил Диркем, кој разликува два типа општествена солидарност - механичка и органска. Во својата книга „Поделба на трудот во општеството“ (1893), тој ја дефинира механичката солидарност како кохезија која произлегува од хомогеноста на поединците, луѓе кои се чувствуваат поврзани преку исто социјално потекло, образование и животен стил. Ваквиот тип солидарност вообичаено фунционира во традиционални, мали заедници, како на пример во племенските, каде солидарноста е базирана на семејни врски.

Да речеме дека Свен е скандинавец кој верува во Тор и обработува мал имот со компири, а околу него има други такви „свеновци“ од кои позајмува примитивен штрафцигер кога не може да го најде својот, се договара на смени да ги полева компирите кога некој од нив е болен или на одмор, додека нивните жени разменуваат рецепти и препораки за локални бајачки.

Органската солидарност, пак, произлегува од меѓусебната зависност на членовите на поширока заедница, кои имаат не исти, туку обратно, различни вештини и специфични знаења. Ваквата солидарност се јавува во посложени општества, каде селаните на пример произведуваат храна за фабричките работници, кои пак ги произведуваат тракторите за селаните.

За разлика од Свен кој може да е самодоволен ако има крава и компири, и не му требаат, на пример спортски патики или кино-проекции, човекот во модерното општество зависи од касапот, банкарот, полицаецот, возачот на автобус, дизајнерот на патики. При ваквата солидарност, се уште има колективна свест, но и голема разновидност на индивидуални карактеристики. Ова е на некој начин помирување помеѓу културата на индивидуализмот и колективната меѓусебна поврзаност на луѓето во големиот организам на општеството, како поединечни органи во човечкото тело кои имаат своја функција но сепак се зависни од останатите.

Погледнето го долното видео со Свен и неговите пајташи и сетете се дека не можете да живеете само од чипс. А дури и да можете, сепак ви треба некој за пиво.

 

26 јули 2023 - 10:30