Штир, стратор, амарант: забранетата божја „житарка“

„Искрварена љубов“, „кадифено цвеќе“, „лисичја опашка“ - ова се некои од меѓународните имиња на растението кое кај нас е познато како штир или стратор. Забранувано со строги закони кои предвидувале сечење на рацете на оние кои го саделе, тоа е опевано во поезијата на романтичарите, како симбол на бесмртноста.

Amaranthus caudatus (амарант, штир, статор) е древна култура, која во антиката ја нарекувале „Божје жито“, иако трите најчести видови кои се користат за човечка храна се „псевдожитарки“, кои се третираат како вистински затоа што се слични по прехранбени својства со житните култури. Може да порасне до 2,5 метри во висина, многу е отпорно и брзо се размножува, а неговите цветови се со впечатлива виолетова боја.

Употребата на амарантот е најдетално проучена во контекст на историјата на Ацтечката империја, во 15 и 16 век, каде тој бил еден од трите главни житарки, заедно со пченката и гравот. Нo за разлика од последниве две, кои главно се собирале за прехрана, амарантот бил церемонијална храна. Ликот на Богот на војната Уицилопочтли бил правен од комбинација на зрна амарант и мед. Ритуалот кулминирал со човечка жртва, после што зрнестата претстава на богот била кршена и разделувана како „понадица“.

Шпанските конквистадори, предводени од Хернан Кортес, сметале дека ова се варварски обичаи кои на некој начин ја исмеваат христијанската причест. Производството на амарант било забрането, а Кортес наредил секој кој ќе се фати како го сади да му бидат исечени рацете.

Интересно, но слична наредба донел и Петар Велики во 1718. Познат како голем реформатор, тој почнал да искоренува и забранува сè и сешто. Лебот правен од амарант (кој патем е безглутенски и денес особено популарен) го сметал за знак на примитивизам и паганство. А можеби се плашел од верувањето дека амарантот, согласно своето име (на старогрчки: „оној што не венее“) може да им обезбеди бесмртност на неговите поданици, а со самото тоа и на неговите непријатели.

Амарантот го спомнуваат голем број поети како симбол на трајното и доброто. Милтон го спомнува како цвет кој расте веднаш до дрвото на животот, а пак Тенисон во својата славна песна за јадачите на лотоси го става во контекст на земниот рај:

But, propped on beds of amaranth and moly,
⁠How sweet—while warm airs lull us, blowing lowly—
⁠With half-dropped eyelids still,
⁠Beneath a heaven dark and holy

19 мај 2021 - 09:44