Само за погани усти

Првоаприлски книжевно-филмски мајтап

Дружејќи се со луѓе кои го разбираат мајтапот со ближните како врвна форма на љубов, сме биле сведоци на главно бенингни, но крајно креативни заебанции, кои секако не биле ограничени на 1. април. Но некои размислуваат порадикално, а притоа користат и соодветна опрема со висока пренковска моќ. На пример - четкичка за заби.

Во комедијата „Ужасни шефови", тројца пријатели, гневни на нивните арогантни и робовладетелски настроени надредени, решаваат да им се одмаздат. Во една сцена тие му влегуваат дома на Колин Фарел, кој игра еден од шефовите, при што неговиот потчинет, понесен од адреналинот а неинформиран дека и во газот имаме ДНК, доаѓа на следнава идеја:

Не знаеме дали сценаристите на филмот биле директно инспирирани од Дејвид Фостер Валас, но во неговата книга (која патем има повеќе од илјада страници), со во случајов симболичен наслов „Бескраен мајтап" (Infinite Jest), има точно ваква сцена, која му била омилена на Валас за читање на јавни настапи.

Еден од главните ликови по име Дон Гејтли, поранешен крадец и зависник, во текот на провала случајно убива водач на сепаратистичка квебечка организација. Тој му се одмаздува на јавниот обвинител кој го ставил во затвор без цврсти докази со тоа што влегува кај него дома, правејќи тоа да изгледа како неуспешна кражба, и неколку месеци подоцна му праќа фотографија на обвинителот од себеси (маскиран), како во неговото купатило ја става неговата четка за заби во газот, и потоа чесно ја враќа на место.

И не ви го кажуваме сево ова за да промовираме вакво неодговорно однесување, туку за да укажеме на еден ноторен факт: дека за некои сопственици на погани усти, вака третираната четка за заби може само да придонесе за нивно подобро орално здравје.

1 април 2014 - 11:15