Првата жена која се спасила од електрична столица

Вистинското име ѝ било Марија Барбела. Во 1895 била обвинета за убиство на љубовникот и осудена на смртна казна. Нејзината приказна била медиумска сензација.

Марија Барбела (подоцна позната како Барбери) се преселила од родната Италија во Њујорк во 1892. По само една година минати во САД знаела само по некој збор англиски. На пат до фабриката кадешто работела секојдневно минувала покрај сандакот за чистење чевли на Доменико Каталдо, кој бил од истиот регион во татковината. Почнале често да се гледаат, сè додека таткото на Марија не ѝ го забранил тоа.

Љубовниците сепак продолжиле да се среќаваат. При една таква средба во изнајмена соба Каталдо ја опијанил Марија и ја силувал. Ѝ ветил дека ќе ја земе за жена доколку таа остане да живее со него. Потоа некое време ја одложувал свадбата, за на крај да излезе дека е веќе женет во Италија, и дека има и деца. Непосредно пред да се качи на брод за дома, и со тоа да ја остави Марија на милост и немилост - отуѓена од родителите и несоодветна за мажење според стандардите на тоа време - на 26 април 1895 во 9:30 наутро, тој играл карти во салун кога Барбела бесна влегла во барот. Последните зборови кои оддекнале биле „Само свиња може да те земе за жена“. По ова Марија извадила брич и толку бргу му го пресекла гркланот, што Каталдо само успеал да се истетерави до тротоарот и да падне во калта, мртов.

Барбела била уапсена и поминала два и пол месеци во притвор до судењето, кое почнало на 11 јули. Ниту зборувала, ниту разбирала англиски. Признала сè, а поротата ја испратила во озлогласениот затвор Синг Синг каде требало да ја очекува смртната казна - погубување на електрична столица. Таа била втора жена, по серискиот убиец Лизи Халидеј, со ваква пресуда.

Јавноста се кренала на нозе. Прво, затоа што во поротата воопшто немало луѓе со италијанско потекло. Второ, затоа што Марија не можела да разбере што се случува околу неа во текот на судењето. Единствена помош имала од Ребека Салом Фостер, или „ангелот“ како што ја нарекувале, мисионерка која им помагала на затворениците во слична ситуација како и Марија. Таа се обидувала да ја научи по малку англиски додека била во притвор, колку да може да се заколне над Библијата. Трето, затоа што, според одбраната, не бил земен предвид еден важен елемент - дека фактот што преживеала силување ја поттикнало постоечката епилепсија, што пак довело до губење на разумот.

И првото и второто судење било будно следено од тогашните медиуми, за кои овој случај ги содржел сите „кликбејт“ елементи: недозволена љубов, секс, предавство, убиство...Во некои од текстовите се одело до таму што Марија била претставена не како 25 туку како 15-годишна девојка. Она што се знае за неа по овој случај е дека се омажила за италијански имигрант и имала син. Но по 1902 нејзината трага се губи. Останува историската фуснота, за првата жена која се спасила од електрична столица.