Прв роман на Хилари Клинтон: зошто политичарите имаат потреба да бидат и писатели?

„Состојба на терор“ е дебитантско прозно дело на поранешната прва дама на САД и кандидатка за претседател. Издавањето на книгата поттикна дискусии околу тоа што ги тера политичарите да пишуваат фикции.

Поранешниот државен секретар на САД и надежна кандидатка за претседател во 2008 и 2016, објавува нова книга, нејзин прв роман, под наслов „Состојба на терор“ од жанрот трилер. Нејзин ко-автор е канадската авторка на мистерии, Луиз Пени. 

Дејството е сместено во сегашна Америка. Главен лик е Елен Адамс, поранешен медиумски магнат која станува дел од кабинетот на новиот претседател на САД, Даглас Вилијамс. Како државен секретар, Адамс мора да открие глобална терористичка конспирација, која ги вклучува Пакистан, Авганистан и Иран со помош на вработен во странски тајни служби од Либан и новинар Американец, со пакистанско потекло.

Клинтон веќе има зад себе неколку книги, но фактот дека сега се одлучува да влезе во водите на фикцијата поттикна дискусии за тоа зошто политичките лидери пишуваат романи. Џејкоб Епл, критичар и психијатар кој ги има проучувано психолошките профили и здравје на американските претседатели, изјави дека како и кој и да е друг писател, политичките лидери пишуваат книги за да остават трајно наследство. 

„Политичката слава и богатството често се минливи, па оттаму претпоставувам дека е привлечно да се создаде дело кое може да трае и по која и да е администрација или кабинет. Пишувањето совршено се вклопува во психолошките потреби на политичарите, бидејќи тие се загрижени за она што го оставаат зад себе како јавен имиџ“.

Американската традиција политичарите да пишуваат фикции оди до Игнејшс Донели, конгресмен од Минесота кој во 1880-тите напишал роман под наслов „Столбот на Цезар“. Дистописката нарација, која станала прилично популарна, се фокусирала на технолошките промени во иднината.

Во 2003, Џими Картер ја објавил „Осилото: роман за револуционерната војна“, со што станал првиот американски претседател кој објавил прозно дело. Неодамна Бил Клинтон стана ко-автор на „Претседателот исчезна“ од 2018 заедно со Џејмс Патерсон и „Ќерката на претседателот“ која излезе во јуни. 

Сепак, барем до сега, романите на американските политичари не станале баш нешто омилени кај публиката. Ова покажува дека иако тие може да се надарени за јавно говорење или за раководење на земјата, тоа не значи дека можат да раскажат убедлива приказна. 

Се вели дека славниот Черчил ги поттикнувал потенцијалните читатели на неговите книги да го одбегнуваат неговиот единствен роман. Тоа сепак не попречило тој да ја добие Нобеловата за книжевност за своите биографски и историски дела.  

15 октомври 2021 - 17:28