Прв пат објавена песна на Набоков за Супермен од 1942

Во „Тажаленката на човекот од утрешнината“, одбиена од Њујоркер во 1942, авторот на „Лолита“ го замислува суперхеројот како некој кој има голема, иако не баш човечка мака.

Во првите години по емигрирањето во САД, од 1940-1943, Набоков се нафрлил на пишување на што и да е што можело да ја спаси неговата писателска кариера: роман-мистерија (на англиски), втор том од „Подарокот“ (на руски), драматизација на „Дон Кихот“. Ниту еден од овие проекти не му донел нешто корисно. Пишувал критики и есеи за списанија, факултетски предавања, статии за ентомологија, книжевна биографија на Гогољ, го преведувал Пушкин на англиски. Среде сето тоа, во втората половина на јуни 1942, напишал песна под наслов “The Man of To-morrow’s Lament” (Тажаленката на човекот од утрешнината), монолог на тогаш тазе супер-херојот Супермен. Во песната тој е прикажан како шета низ парк со Луис Лејн, при што мора да ги носи своите наочари, затоа што „ако ја прегрнам со моите супер-очи/јасно ќе ѝ ги видам белите дробови и џигерот/како пулсираат“.

Супермен продолжува да кука, дека иако е заљубен „бракот би значело убиство“, бидејќи изливот на љубов кон неговата сакана би можел да ја убие. Ова значи дека тој не би можел ни да има потомство, што е уште една сериозна причина неговиот лик да е всушност трагичен.

Набоков ја испратил песната, која содржи алузии на Хамлет, на уредникот за поезија во Њујоркер во јуни 1942, со придружно писмо во кое изразува надеж дека списанието, откако ќе ја објави песната, ќе му исплати хонорар „адекватен на неговото руско минато и сегашни агонии“.

Авторот на Лолита, која ќе биде објавена 13 години подоцна, и кој ќе се стекне со светска слава, тогаш сепак бил одбиен. Чарлс Пирс, актуелниот уредник во Њујоркер, тогаш му рекол дека песната би била неразбирлива за повеќето читатели. Така првото поетско дело на светот инспирирано од Супермен, кој во американската култура се појавил во 1938, останало необјавено скоро 80 години. Сега песната е достапна на сајтот на The Times Literary Supplement (со претплата).

4 март 2021 - 18:39