Против „вирус“ како метафора

Кога целата криза ќе помине, ќе можеме пораат да ги анализираме нејзините последици во различни подрачја, кои не секогаш имаат врска со медицина или економија. На пример, тие веќе имаат врска со јазикот - користењето на „вирус“ во метафорична смисла не само што не е соодветно, туку може да е и опасно. 

„Вирус“, освен во медицинска, епидемиолошка и микробиолошка смисла, во лингвистичкото доба кое понатаму можеби ќе се одредува со п.к.в (пред коронавирус), се користеше во повеќе метафорични значења. На пример во „компјутерски вирус“, идејата дека некој компјутерски проблем се шири низ мрежа или систем, погодувајќи поединечни машини. Оттаму и софтвер за заштита од ваков вид вируси, кој од време на време се активира и покажува колку вируси (на пример „тројанци“) успешно блокирал.

„Вирално“ во ерата п.к.в. се користеше (и уште некритички се користи) и за опис на интернет содржина која се споделува и се шири, по истата „логика“ на ширењето на епидемиите. Луѓето пак кои создаваат ваква „вирална“ содржина се оние кои вреди да бидат имитирани, платени, славени. И уште повеќе, нивниот назив е ехо на најлошиот вирус на модерното време, пандемијата на „инфлуенца“ (грипот) од 1918. Имено, нив ги викаме - инфлуенсери.

Во долгиот есеј „Болеста како метафора“ на Сузан Сонтаг, прв пат објавен во New York Review of Books од 1978, таа го детектира влијанието на метафорите поврзани со болестите - особено со туберкулозата и ракот. Голем број негативни општествени појави, на пример, се опишани како „рак-рана“ или „местастаза“ што ги стигматизира сите пациенти болни од рак. Состојбата стана уште полоша по појавувањето на AIDS - сидата, која во својот почеток беше толкувана како „божја казна“ за неморални однесувања. Ова не е само извор на ирационални верувања и етикетирања, туку може да спречи или да одложи третман на вистинската болест, чии ефекти не се воопшто метафорични туку многу реални. Taa (пак метафорично) станува БОРБА на пациентот со невидлив непријател.

Сегашниов миг сепак подразбира привремено (а кој знае, можеби и долгорочно) напуштање на метафоричното ниво, и користење на терминологија која подразбира многу конкретни акции и однесувања. Здравје, можеби ќе има време кога ќе можеме за „корона“ да зборуваме и како за некаква круна на нашиот успех во справување со предизвиците на човештвото.

извор

21 март 2020 - 16:06