50 нијанси на Оче наш

Проект: Еротска литература во секоја хотелска соба

„Демсон Дин“ во Езерската област во Англија, хотел кој се рекламира како совршена дестинација за „мирно бегство", крена џева откако во сите соби ги замени изданијата на Светото писмо со малку поинаква литература.

Веќе неколку месеци постојано наидувам на статии за книга која на прв поглед делува како ефтина еротика. „50 нијанси на сиво" на Е. Л. Џејмс (псевдоним на Британката Ерика Леонард) е првата книга од трилогија, чие дејство главно се одвива во Сиетл, и се однесува на бурната врска помеѓу студентката Анастасија (која на почетокот на книгата е девица) и млад бизнис магнат кој ја воведува во светот на садо-мазо, врзувањето, доминацијата и другите форми на телесна меѓучовечка комуникација. Продадена во 31 милиони копии во 37 земји, таа наскоро ќе доживее и филмска адаптација (наводно во режија на Анџелина Џоли, и со Ема Вотсон во главната улога).

Сега доаѓа моментот со хотелот - неговиот сопственик, Џонатан Денби, го купил од методистичка група пред 10 години, и се прашувал што да прави со сите тие Библии кои биле поставени во собите од претходните газди. Се одлучил дека во едно модерно, секуларно општество е „сосема несоодветно" да им поттураш под нос на луѓето верски книги, па почнал да мисли на замена. „50 нијанси сиво" му се видела како добра идеја, поради нејзината популарност, а и поради тоа што можеби некои од гостите биле пресрамежливи за да си ја купат.

Најгласен во критиките за овој потег е локалниот викар, но и голем број христијани, особено од САД, каде Библиите во хотелските соби се повообичаени отколку во Англија. Сопственикот е сепак за разумен компромис - Библиите ќе си останат во хотелската библиотека, ако некој сака да ја позајми, ама во собите останува еротиката.

27 јули 2012 - 08:56