Претходно необјавен роман на Леонард Коен ќе се појави на есен

Напишан во 1956, „Балет на лепрозните“ ќе биде издадена заедно со други кратки раскази и радио драма од почетокот на кариерата на Коен.

Повеќе податоци за до сега необјавуваната книга на Коен, „Балет на лепрозни: роман и раскази“, која треба да се појави на есен, се среќаваат во биографијата на Коен, „Различни позиции“ (Various Positions) од Ајра Б Нејдел. Станува збор за роман од 91 страница, приказна за 35-годишен трговски службеник кој почнува да живее со својот возрасен дедо, во тесна изнајмена соба. Дедото често доживува напади на насилство, а нараторот (кој останува неименуван) и самиот почнува да се соочува со сопствената агресивна страна. 

Романот почнува со речениците: „Дедо ми дојде да живее со мене. Немаше каде да оди. Што се случило со сите негови деца? Смрт, распад, егзил - едвај знам по нешто.“

Според толкувањата на Нејдел книгата е делумно резултат на тешкотиите со кои Коен се соочил со сопствениот сенилен дедо, иако без насилството.

До сега книгата не е објавена бидејќи на времето била одбиена од издавачите. Но авторот тврдел дека таа е „веројатно подобра“ од неговата прославена прва прозна книга, „Омилената игра“, објавена во 1963. 

Новото издание ќе биде придружено со 15 кратки раскази и сценарио за радио драма од архивите на Коен, сите напишани помеѓу 1956 и 1961. Уредник на изданието е долгогодишната истражувачка на Коен, Александра Плешојано, која го има напишано и поговорот. 

25 февруари 2022 - 09:43