Понекогаш скриените врски помеѓу филмските дела се во самата шпица

За да има ефект, неочекуваната паралела помеѓу следните филмски дела, би требало да ги имате гледано. Или можеби оваа анализа ќе ве поттикне да ги погледнете. Станува збор за трилерот „Игра“ на Дејвид Финчер од 1997 и актуелната серија на ХБО, „Следоред“ (Succession).

Најавните шпици на филмови и особено на серии (поради нивната повторливост) се од многу поголемо значење отколку што тоа изгледа на прв поглед. Вистинските љубители ги анализираат со неверојатна прецизност, во нив барајќи некаква назнака за пораката на приказната или, во случајот со сериите, за тоа како ќе се одвива дејството до крајот. Во случајов некому демонстрира нешто што само интуитивно го претпоставувавме - дека шпицата на „Следоред“ (Succession) веќе некаде сме ја виделе.

Јутјуб каналот со соодветно име Now You See It (Сега го гледате), ни ги отвори очите за врската помеѓу оваа серија и трилерот од 1997 на Дејвид Финчер, „Играта“. Ако сте го гледале, се сеќавате дека и таа приказна се фокусира на богаташ (го игра Мајкл Даглас) кој има нарушени односи со другите членови на семејството, особено со братот. Во „Следоред“ (како што е преведена кај нас на ХБО) децата на медиумски титан (тројца браќа и една сестра) се јадат меѓу себе за да го зграбат неговото наследство. На прв поглед освен богатството нема некоја друга посебна врска помеѓу филмот и серијата.

Но анализата на најавната шпица покажува дека обете отвараат со домашни видео клипчиња на богато семејство, а сцените се преслични за тоа да биде случајно. Во двете верзии таткото е прикажан како заминува од кадарот напуштајќи го синот кој останува сам, откако тие позираат за фотографија. Подоцна истата татковска фигура е снимена како стои пред прозорец со грбот свртен кон камерата. 

Шпицата на „Следоред“ според анализата е очигледно оддавање почит на Финчер, но како што објаснува видеото, тоа е многу повеќе од директно копирање на стилот на режисерот. Со спротивставување на топлината на аналогниот формат со студенилото на прикажаното семејство, шпицата на серијата прави нешто повеќе - наместо да иницира носталгија по „добрите стари времиња“ (како што тоа сепак на моменти го прави во „Игра“), со монтирање на сцени од современ Њујорк и симболите на големиот семеен бизнис таа всушност ни ја покажува историјата на односите и длабочината на траумите на четирите деца. 

Ова уште еднаш потсетува - не кликајте „скип интро“ на шпиците.

12 мај 2023 - 07:47