Почудно од измислено: детално планираното убиство на продуцентот на серијата „Проблемот на трите тела“

The 3 Body Problem, првата книга од дистописката трилогија на кинескиот автор Лиу Цисин, ја опишува средбата на Земјаните со вонземска цивилизација, од близок систем кој се состои од три сонцолики ѕвезди кои орбитираат едни околу други. Сега романот е екранизиран во долгоочекуваната серија на Нетфликс. Нејзината инстантна популарносст многумина потсети на подразборавената мрачна приказна зад шоуто, која доби завршница на истиот ден со премиерата. 

На католички Божик 2020 умира 39-годишниот Лин Ки, успешен креатор на видео игри и извршен продуцент на серијата „Проблемот на трите тела“, која тогаш уште беше во фаза на развој во соработка со Нетфликс. Неговата гејминг компанија Јузу ги откупи правата за трилогијата на кинескиот автор Лиу Цисин која има култен статус во научно-фантастичните кругови. Првиот од трите романи, „Проблемот на трите тела“ на кинески излезе во 2008, а прв пат беше објавен на англиски во 2014. 

Негов колега, Ксу Јао, бил поставен за одговорен за под-компанија која требало да ги води бизнисите поврзани со шоуто. Тој имал серија недоразбирања со шефот, кој не бил задоволен од неговата работа, па трите милиони долари кои му биле ветени за целата операција наводно му го спуштил на 750.000. Гневен, Ксу почнал да планира убиство, но не баш толку обично - опседнат со серијата „Брејкинг бед“, тој воспоставил лабораторија во која експериментирал со над 100 токсини - тестирајќи ги на кучиња и мачки, пред да го зачини пијалокот на директорот со „коктел“ од отрови кои ги купувал на црниот интернет пазар. 

Најпрвин се мислеше дека отровот бил служен во смртоносни чашки пу'ер кинески чај, но според понови податоци, всушност затруени биле 30 пробиотски таблети за кои убиецот знаел дека се земаат од Лин, неговата секретарка и други колеги. По инцидентот, Лин бил однесен во болница каде по десет дена починал, а четворицата колеги кои се напиле од истите таблети преживеале, иако некои од нив со тешки здравствени последици. Тие најпрвин биле третирани како да се затруени од жива, но всушност станувало збор за невротоксин кој се наоѓа во фугу, јапонската риба чиј отров е посилен од цијанид. 

Ксу е уапсен и по долго судење е осуден на смрт од Шангајскиот народен суд на истиот ден (21 март 2024), кога на Нетфликс е премиерно прикажана првата епизода од серијата, чии креатори се Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс, кои работеа и на успешната серија „Игра на тронови“. 

30 март 2024 - 10:16