По Трамп: редизајниран библиотечниот систем за проверка на факти

„Ама така пишуваше на интернет, професорке!“ - стандардното објаснување за некаква глупост во семинарските на генерациите растени онлајн барем за оние американските има антидот во форма на систем за проверка на вистинитоста на она што се цитира. Тој сега има и нов начин на датирање - пред, за време и (кој знае) по Трамп.

За да им помогне на студентите, професорите, но и на пошироката јавност во проценка на релевантноста на информациите на кои наидуваат онлајн, а кои дури и искусен интернет корисник веќе е тешко да ги разликува, Американското библиотечно здружение нуди водич за проценка на истражувачките извори, особено на оние онлајн.

Неговото име не можело да биде позвучно. Се вика CRAAP, а е кратенка од Currency - време на објавување на одредена вест, Relevancy - важноста на информацијата за потребите на студентот, Authority - изворот на информацијата, Accuracy - коректноста и точноста на содржината и Purpose - причината зошто постои одредена информација.

Со бодување на секоја категорија (која има и подкатегории) на скала од 1-10 при што 1 е најлошо а 10 најдобро, се добива оценка за секој сајт и/или информација. Извор со бодови од 45-50 е одличен, 40-44 добар, 35-39 просечен, 30-34 на граница на прифатливост и под 30 - неприфатлив. Според овој тест, на пример, 20 години стара статија напишана од маркетинг агенција е помалку валдина од три години стара изјава на американски претседател објавена во негов мемоар.

Но сега, кога Трамп почнува да отфрла легитимни извори на информации и масовно да лиферува лажни вести, спомнатото Здружение почнува да ги освежува критериумите. Тоа особено се однесува на категоријата „авторитет“, која до сега подразбираше дека доколку информацијата е дадена од некој со формална титула таа би требало да биде земена посериозно. Всушност, се менува целиот концепт на авторитетност, кој сега е обврзно поврзан со оној на точноста.

На овој начин библиотекарите не само што им помагаат на студентите и на останатите да добијат пристап до литература, туку стануваат и активисти за точни и проверени информации.

Еве ја деталната листа прашања кои треба да си ги поставите пред да поверувате на кој и да е интернет сајт. Кога ќе видиш, утврдувањето на вистинитоста е толку комплицирана што повеќе се исплати ич да не сурфаш.