Писателите контра анти-бегалската реторика на медиумите

Помеѓу различните иницијативи и акции кои се одвиваат во европските земји за поддршка на бегалците е и онаа на британските писатели, кои подготвуваат антологија есеи и раскази како одговор на анти-бегалската реторика на медиумите. Славни писатели од светот истапуваат и со свои изјави за поддршка на белгаците.

Насловот на планираната антологија е „Земја-засолниште" (A Country of Refuge), а таа ќе вклучува поезија, фикција, автобиографски есеи и раскази од значајни книжевни имиња во и вон Британија. Уредничка е Луси Попеску, авторка и поранешен директор на Комитетот за писатели во затвор на меѓународниот ПЕН, која очекува списокот на оние кои е придонесат да се состои од најмалку 25 имиња.

Средствата за печатење ќе се собираат преку јавни донации, откако обидот книгата да биде објавена од некој од големите британски издавачи пропаднал. Некои од авторите кои веќе се согласиле да учествуваат и самите се некогашни бегалци. Таква е приказната на Марина Левицка, чијшто роман „Кратка историја на трактори на украински" објавена во 2005 доживеа милионски тираж. Таа пристигнала во Британија во 1947 со нејзините родители. Според неа начинот на којшто ги третираме мигрантите не се однесува толку на тоа што посакуваме за нив, туку на она какви луѓе сакаме да бидеме самите.

Во меѓувреме повеќе писатели го искажаа својот став во врска со бегалската криза. Еве двајца од нив: 

Арундати Рој (авторка на „Богот на малите нешта", добитничка на Букер)

На крајот на втората светска војна Британија ја прецрта мапата на она што е патронизирачки наречено „Среден исток" (Middle East). Кога британската империја опадна, САД го презема нејзиниот империјален мандат. Нејзините постојани политички мешања - рушењето на демократиите, поставување тирани, нивно „трошење" и поставување други на нивно место, инвазијата на Ирак во 2003, тајната воена и финансиска поддршка на опасни формации во различни земји, поттикна древни антагонизми, свежи непријателства и страдање.

Додека ги гледаме бегалците како се собираат во камповите и се прелеваат преку границите, знаеме дека не сме сведоци на привремена криза. Од друга страна, оптимистички е да се види дека неверојатниот цинизам на владите и на нафтените компании е засрамена пред љубезноста и великодушноста која ја покажуваат илјадници обични Европејци, кои ги поздравија бегалците со топлина и храна и засолниште. Можеби сепак има надеж за нашиот род.

Орхан Памук (добитник на Нобеловата за книжевност во 2006)

Среќен сум што Германија има намера да земе 800 илјади бегалци од Сирија, Северна Африка и од други места, и дека остатокот од Европа исто така реагира на тешката ситуација. Ова е навистина драматичен момент во историјата на Европа. До неодамна Турција имаше земено 2 милиони имигранти и имаше намера да ја исполни својата обврска кон човештвото и кон овие луѓе, додека другите земји кои земаа по само 2-3000, а кои сепак се жалеа. Промената на расположението е неверојатно и секако ми е мило што сум сведок на ваква човештина, и се надевам дека ќе продолжиме да бидеме одговорни за овие луѓе.

И покрај ова чувство на надеж, не смееме да заборавиме зошто овие луѓе си ги загубиле домовите. Тоа е затоа што претседателот Буш сакаше војна на Блискиот Исток за да си го подобри профилот и да добие гласови. Не смееме да ја потцениме задачата која претстои. Особено се надевам дека Германија нема да ги третира овие луѓе како што ги третираше Турците пред 30-40 години: како гости-работници со само привремен статус. Охрабрувачки е што изгледа дека Германија им нуди на бегалците државјанство и им дава одговорност да станат Германци во иднина. Ова е важно за развојот на идејата за Европа. Учењето да се живее заедно со луѓе чија култура, религија, историја и лична трауматична приказна е различна од нашата може да нè подучи. Тоа нè прави различни луѓе. Нè учи да бидеме либерални на подлабок начин отколку кога тоа го учиме само од книги. Суштинската идеја е онаа за Европа базирана не само на égalité и liberté, туку и на fraternité.

14 септември 2015 - 09:21