Писатели од целиот свет за дигитална демократија

Повеќе од 500 писатели и уметници, вклучувајќи пет добитници на Нобел за книжевност, го осудија обемот на надзор на дигиталните комуникации од страна на државите.

Потписниците кои доаѓаат од 81 земја и ги вклучуваат Маргарет Атвуд, Дон де Лило, Умберто Еко, Бјорк и Арундати Рој, велат дека начинот и обемот со кој агенциите за разузнавање ги следат дигиталните комуникации на милиони луѓе прави од секого потенцијален осомничен, со што се создава атмосфера на параноја и се дестабилизра начинот на кој функционираат здравите општества.

Тие ги поттикнуваат Обединетите нации да создадат меѓународен закон за дигитални права, кои би ја гарантирал заштитата на граѓанските права во ерата на интернет. Нивниот повик следи по барањето на главните луѓе на водечките технолошки компании за драстично менување на законите за надзор, со што би се овозможило враќање на довербата во интернет. Тоа беше направено преку отвореното писмо кое на оваа тема до Барак Обама го испратија компаниите како Епл, Гугл, Мајкрософт и Фејсбук. Своето барање пак писателите го срочија во петиција, која до сега ја имаат потпишано повеќе од петстотини нивни колеги, меѓу кои и петорица Нобеловци: Орхан Памук, Гинтер Грас, Џ. М. Куци, Елфриде Јелинек и Томас Транстромер.

Во петицијата меѓу другото се вели: 

„Човек кој е под надзор веќе не е слободен; општество кое е под надзор не е повеќе демократско. За да бидат и понатаму валидни, нашите демократски права мора да бидат применливи како во виртуелниот, така и во реалниот простор"

Целата акција почна кога група германски писатели испрати отворено писмо до Ангела Меркел, откако протекоа првите информации од Сноуден. Џинет Винтерсон, позната британска авторка потписничка на петицијата (авторка на „Портокалите не се единственото овошје") вели дека до Сноуден никој не бил свесен до каде се протега долгата рака на државата кога е во прашање следење на дигиталните комуникации. „Како да сме тагирани затвореници. Приватноста е илузија. Дали тоа ви пречи? Мене да", вели таа.

Извор: Гардијан

10 декември 2013 - 08:26